Приоритетни пациенти ги блокираат болниците
Има случаи кога хирург има закажано 12 пациенти и му доаѓаат уште 30 приоритетни, со што се создава метеж, лекарите се преоптоварени, паѓа квалитетот, подолго се чека, а не се исклучува ниту можноста за погрешна дијагноза
.jpg)
Приоритетни пациенти ги блокираат болниците
акажаниот термин не значи дека нема да чекаш
На преглед доаѓаат трипати повеќе болни од закажаните
Закажаниот прецизен термин за преглед на специјалист не може да значи дека нема да почекате за да влезете кај лекар. Додека пациенти се жалат дека чекаат, дека лекарот ги прегледал за кусо време, брзал и не успеале да прашаат сѐ што сакаат, лекари се жалат дека се преоптоварени со болни што доаѓаат со приоритетен упат. Така, ако дневно имаат закажано 12 интервенции, доаѓаат уште триесетина болни испратени како приоритетни. Приоритетниот упат беше воведен пред околу два месеци за болни што се потенцијално итни случаи, како на пример жени што напипале грутче на дојката, болни со недраматични симптоми што наведуваат на срцев удар или со крвавења што наведуваат на рак.
Притисок врз лекарите
Навалицата од пациенти со приоритетни упати кај лекарите изгледа се должи на повеќе причини. Едната е што има болни што мора да добијат упат за да земат мислење и да продолжат да ги земаат лековите што ги пијат на државен трошок. Друга е што пациенти им прават притисок на лекарите да им дадат ваков упат и побрзо да се прегледаат или да добијат услуга. Третите се сметаат за навистина приоритетни.
– Постојат неколку причини. Има голем број пациенти за кои не можеме да пропишеме терапија без препорака од специјалист, како на пример оние со зголемени маснотии во крвта. Овие пациенти одат со приоритетен упат. Доставивме барање да се смени правилото за издавање три лека, па да можеме ние да го пропишуваме без мислење од специјалист. Втора причина е што пациенти притискаат, но и кажуваат состојби за кои навистина не им е добро. Има такви што се договараат со специјалист за термин, бараат приоритетен и притискаат. Приоритетот е многу релативна работа. Мора да функционира здравствениот систем. Има пациенти за кои се сомневаме за малигнитет – вели д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватните лекари.
Проф. д-р Сашо Стојчев, директор на скопската градска болница „8 Септември“, вели дека проектот за електронско закажување е одлична идеја, меѓутоа и дека се преоптоварени со приоритетни пациенти.
– Некои бараат приоритетни упати за неитни состојби. Се создава метеж. Некогаш болните се закажани на 15 минути, а треба да се прегледаат и приоритетните. Лекарот додека не го види не знае колку е итен. Така кај нас пак има чекање – вели проф. Стојчев.
Посебни амбуланти
Тој објаснува дека има случаи кога хирург има закажано 12 пациенти и му доаѓаат уште 30 приоритетни.
– Преоптоварени се. Така паѓа квалитетот, а и подолго се чека. Може да се случи да се пропуштат големи синдроми или болест. Треба да се зголеми времето за преглед или да се обидеме да го покачиме нивото на примарна здравствена заштита – додава тој.
Поради многу пациенти со приоритет неколку клиники и институти отвориле посебни амбуланти за нив. Такви се Клиниката за неврологија и Институтот за трансфузиска медицина.
Во Министерството за здравство велат дека се запознаени со оваа состојба.
– Го увидовме ова и од минатата недела ставивме технички контроли и ограничување. Ако за еден пациент има креиран закажан термин, не може отпосле да добие приоритетен упат. Доколку му се слоши и е итен, оди без упат. Сега се прецизира со лекарите можноста да се ограничи бројот на приоритетни што ќе може да ги прима една установа – велат од Министерството.
Закажаниот преглед по СМС
Од 16 декември пациентите по СМС на мобилниот телефон ќе добиваат известувања за датумот и часот на нивниот закажан термин за преглед во јавните здравствени установи. Овој проект е уште една новина во системот за електронски евиденции во здравството и електронско упатување „Мој термин“.
Дневно ќе бидат испраќани над 5.000 СМС, во кои граѓаните ќе се потсетуваат за тоа кога им е закажан терминот во определена здравствена установа. Министерот за здравство Никола Тодоров апелира до сите граѓани, кога закажуваат преглед кај матичниот доктор, да го остават бројот на мобилниот телефон.
– Со проектот се отвора уште една можност, а тоа е граѓаните што сметаат дека нема да можат да стигнат на закажаниот термин или од кои било други причини сакаат да го откажат, тоа да го сторат на два начина, да одат кај матичниот лекар и да кажат дека тој термин не им одговара, да побараат друг или да го откажат ако немаат потреба од таа здравствена услуга. Или, пак, да испратат СМС на бројот 144 194, во кој ќе стои бројот на нивниот упат – информира Тодоров.




