Честите реформи ги збунија и лекарите и пациентите
Во јавното здравство и пациентите и лекарите лутаат во секој почеток на честите здравствени промени. Последната деценија има постојани менувања на правилата за лекување на државна сметка, а потоа нова промена на променетите правила, па уште понова. Нервозите се зголемуваат не само поради променетиот пат до услугата што им треба на болните туку и поради зголемена администрација, лутање низ ординации, аптеки и канцеларии за да се исправат грешки

Честите реформи ги збунија и лекарите и пациентите
Прво викаме оп, па потоа скокаме
Пребрзи промени во здравствениот систем
Промените, новините, реформите, станаа секојдневие во јавното здравство во последната деценија. Секој министер има свои проекти за промени, а секој нареден врши нивна промена. Па откако ќе ја востанови, се случува промена на промената, оти во проектот се покажале грешки или непредвидени ситуации. Доволно е неколку месеци да не се појавиш на лекар и веќе те очекува некоја новина. Нови, рецепти, нови упати, повеќе или помалку чекање, промена на лекар, нови правила за добивање лекови… Промените се тешки и за пациентите и за лекарите, а ако се случуваат едноподруго и почнуваат со проблеми, како што веќе по правило се случува, тогаш освен нервози, создаваат и фрустрации.
Во јавното здравство и пациентите и лекарите лутаат во секој почеток на честите здравствени промени. А со постојаните менувања на правилата за лекување на државна сметка, а потоа нова промена на променетите правила, па уште понова, нервозите се зголемуваат, па знаат и да преминат во недоверба. И кај пациентите и кај лекарите. Не само поради променетиот пат што треба да го поминат до услугата што им треба туку и поради зголемена администрација, лутање низ ординации, аптеки и канцеларии за да се исправат грешки. Дали мора прекуноќ да се воведуваат новините, имаме ли право на приспособување, а и чистење на проектите од грешки?
Почнуваме наопаку
Пред околу два месеци беше воведен проектот „Мој термин“, преку кој лекарите на Интернет им закажуваат испитувања или дополнителни прегледи на пациентите. На болните им одговара што, за разлика од претходно, не мора сами да го прават тоа одејќи до установата еднаш да закажат, а втор пат да добијат услуга. Но не им одговара што сега кај матичен лекар чекаат двојно повеќе, време во кое се пополнуваат електронски документи, се исправаат грешки. Два месеци по воведувањето, дури сега се расчистуваат битни детали. Проектот почнал пред да се воведе друг со кој ќе се скрати евиденцијата на вработените во ординациите, а и пред таков со кој ќе се осовременат програмите преку кои работат здравствените работници, па ќе се скрати времето на чекање. Тие допрва ќе се спроведуваат. Со „Мој термин“ пациентите добиваат и нови електронски рецепти. Пред нив беа воведени печатени, а пред печатените се пишуваа на рака. Во меѓувреме се менуваше правилото за тоа како да се пишуваат.
Во од се решаваат и проблемите со новиот начин на упатување на пациентите, правила за тоа кој лекар во која установа може да те препрати на дополнително лекување. Се воведоа пред околу две години, се создадоа неверојатни метежи во едни болници, а други останаа недоискористени. Дел метежи беа решени со прием на нов кадар, но сѐ уште има такви во кои за услуга се чека и половина година. Во почетокот лутаа не само пациенти туку и лекари, а по две години има уште поединци што го прават тоа.
Проблеми имаше и со воведувањето на плаќањето на лекарите според сработеното. Тие ги оценија за толку големи што излегоа на штрајк, а потоа проектот се менуваше. Пациентите чекаа и одлагаа услуги. Исто така, метежи создава и воведувањето на електронската здравствена картичка, годишното пререгистрирање на невработените за да добијат право на лекување на државна сметка.
Ни треба добра подготовка
Експертите велат дека, за разлика од кај нас, во високоразвиените земји секоја промена добро се обмислува, граѓаните се подготвуваат за неа, а дури потоа се востановува. Така се спречуваат и несакани грешки.
Најмногу проекти за менување на јавното здравство тргнаа од ординациите на матичните лекари, кои се приватни, а за услугите што им ги даваат на пациентите добиваат надомест од Фондот за здравство. Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари, смета дека се воведени многу промени, а тие бараат време на усогласување.
– За секоја промена ги известуваме нашите пациенти. За новиот начин на упатување ги поминавме градовите и правевме презентации. Договоривме период од неколку месеци за да слушнат сите единки на системот. Но сѐ уште има лутање, поединци што или не знаат како функционира или грешат од брзина. Се воведуваат постојани новини, а сето тоа се решава во од. За проектот „Мој термин“ замоливме да се одложи оти се воведува предвреме. Прво треба издигање на свеста, на здравствената култура. Мојот став е дека не смее да се почнува проект со „ќе има казни за матичните лекари“. Треба да има новини, но треба да има период во кој сите ние ќе си ги лоцираме грешките. Се работи за голем апарат, треба време за усогласување, а имаме и недостиг од кадар – вели Чолакова-Дервишова.
Недоволно информации
Сите промени што настануваат во секојдневието, поточно отстапувањата од нешто што до вчера било нормално, доведуваат до отпор и појава на незадоволство. Тоа незадоволство, објаснува Владимир Лазаревик, магистер по јавно здравје, основач на меѓународниот проект „Хелтгрупер“ и поранешен заменик-министер за здравство, е најчесто резултат на немањето достап до соодветни информации кај засегнатите страни.
– Тоа многу често се случува и во реформите во здравството. Од една страна, имаме објективна потреба да се променат состојбите, а од друга, имаме цела низа придружни процеси, кои изнудуваат реформите исто така да бидат променети. Носењето нови законски решенија не значи дека работите сами од себе веднаш ќе се сменат. Секоја реформа во здравството опфаќа низа комплексни процеси, кои се случуваат на релација креатори на здравствени политики, пациенти, лекари и здравствени установи – вели Лазаревик.
Креаторите на реформите, објаснува, настојуваат и очекуваат промените да се случат бргу и од нив да не се отстапува. Таа политика носи кон успех, но често може да биде и причина за појава на неочекувани проблеми што не биле предвидени, со кои лекарите немале можност да се соочат, а како резултат на тоа пациентите ги чувствуваат последиците.
– Поради тоа спроведувањето на промените мора да биде проследено и со мониторирање на ефектите од конкретните реформи. Мора да има јасен и транспарентен процес на анализа на новите проекти за да се увидат објективните и субјективните причини за евентуално настанатите проблеми и да се преземат мерки за нивно надминување. Тука не може и не треба да има отстапки – додава Лазаревик.
Логични тешкотии
За Министерството за здравство, пак, проблемите со востановувањето на проектите се нормален дел од работата.
– Сосема нормално и очекувано е во почетокот на секој проект, во почетокот на секоја реформа, да се појават одредени тешкотии. Станува збор за сериозни реформи во системот, кои се правени по многу светски примери. Македонија како земја и во рамки на здравствениот систем ги следи светските трендови, кои се олеснителни за самиот систем и генерално воведуваат ред во него – велат оттаму.
Објаснуваат дека било неопходно да се напуштат стариот систем, преголемата административна работа и печатените рецепти, да се намали и да се елиминира метежот во ходниците, а сето тоа ќе се постигне со новите проекти што се во тек.
– Мој термин, плата според сработеното и дообука на докторите во странство се некои од проектите што на подолг рок ќе покажат колку се значајни за целиот систем. Ниедна промена прекуноќ не може да функционира беспрекорно. Сосем е логично да се јават тешкотии во одреден тест-период, но на долг рок реформите ќе ги покажат своите предности – додаваат од Министерството.
Најнови менувања на правилата
– Закажување кај специјалисти
– Пресметка на плата на лекарите
– Движење на пациентите во системот
– Електронска здравствена картичка наместо сини картони
– Промена на рецепти за лек на државен трошок
Автор: Наташа Бошковска-Златкова
Фотографија: Маја Јаневска-Илиева




