Почна акцијата за создавање позитивно мислење за важноста на донирањето органи
Создавање позитивно јавно мислење за важноста на донирањето органи и развој на трансплантацијата во државата, е целта на акцијата под мотото „Кога животот ќе заврши подари живот“, чиј почеток денеска на прес-конференција го најавија Лекарската комора на Македонија и невладината организација Мактрансплант.

Во наредниот период, како што беше посочено на прес-конференцијата, лекари-специјалисти од Клиниката за нефрологија ќе одржат шест предавања на матичните лекари на кои ќе ги информираат за новиот Закон за трансплантација на органи и ткива, како и за тоа како тие може да помогнат во едукација на населението на оваа тема.
Игор Николов од тимот за трансплантација од Клиниката за нефрологија денеска на прес-конференција истакна дека во рамки на активностите се подготвени 10.000 постери и 100.000 флаери кои ќе бидат поставени во ординациите на матичните лекари, како начин за информирање на јавноста.
Претседателот на Лекарската комора, Кочо Чакаларовски рече дека Македонија ќе ги користи најсовремените начини за докажување мозочна смрт, односно прекин на циркулацијата во кората.
– Штом нема циркулација има мртва кора, мртов мозок. Само прашање е на време, час или ден два кога ќе настапи и цела смрт. Семејствата треба да знаат дека мозочната смрт на нивниот близок е исто што и смрт. Во Македонија има многу современ Закон за трансплантација на органи. Последната измена и дополнување овозможува да се користат органите од кадаверични донори доколку не постоело противење за истиот акт, посочи Чакаларовски.
Ако некој, укажа тој, не сака да биде предмет на дарување орган во случај на негова смрт, треба да кај нотар да се запише на анонимна листа на недарители на органи која ќе се испочитува до крај.
– Доколку не е најдена таа листа на потенцијалниот донор тогаш семсјството е тоа кое во крајната истанца ќе одлучи. Ние неможеме да земеме орган доколку наидеме на еден отпор од страна на семејството, додаде Чакаларовски.
Според Законот за трансплантација на органи и ткива, освен од жив дарител кој може да донира бубрег, коскена срцевина, дел од црн дроб, како донор на органи може да се јави и лице кое се наоѓа во состојба на мозочна смрт (кадаверична трансплантација). Законот предвидува сите државјани на Република Македонија да влегуваат во втората категорија, а последниот збор за тоа дали ќе се донираат органите да го има семејството.
Во Македонија засега годишно се прават педесетина трансплантации на бубрези и тоа како донор се јавува некој близок роднина на пациентот. Кај деца се трансплантира и црн дроб, исто така од роднина. Кадаверичната трансплантација, иако е голема можност, засега останува неискористена. Проценките покажуваат дека годишно во земјата има околу 120 лица кои настрадале во сообраќајна несреќа или заради некоја друга ситуација доживеале мозочна смрт. /Извор: МИА/




