Проблеми со здравствената картичка

Пациенти се жалат дека иако имаат е-картичка, во болниците им се бараат и сини картони како потврда за платен здравствен придонес

Јасмина Јовановска-Вељановска

Здравствената картичка, засега, е само украс, се жалат некои граѓани. И покрај тоа што Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) подели над 600.000 е-картички, пациентите се жалат дека се’ уште се соочуваат со ситуации кога иако го имаат новиот здравствен документ, во здравствените установи им бараат сини здравствени картони како потврда дека е платено здравственото осигурување.

„Зошто ни ги делеа е-картичките кога повторно ми бараат да донесам сини картони. Нели требаше тие да ги заменат сините картони“, прашува 53-годишен пациент, на кој пред неколку дена во една скопска болница откако му укажале здравствена услуга, му побарале да донесе сини картони. „Имав напад на бубрегот, ме прегледаа и ми дадоа терапија. На крајот, кога на шалтерот требаше да се регулира лекувањето, им ја покажав здравствената картичка. Но, медицинската сестра ми рече дека дополнително треба да донесам сини картони, или лекувањето ќе ми биде наплатено приватно“, раскажува овој пациент. „Следниот ден, иако бев исцрпен и имав температура, морав да трчам до Фондот за здравствено осигурување за да ми отпечатат сини картони“, додава револтирано овој пациент.

Од Здружението на приватни лекари се изненадени зошто се бараат сини картони на пациенти кои имаат е-картичка.

„Матичните ординации имаат електронски читачи за проверка на картички. Но, и без нив ако пациентот има картичка, матичните лекари не им бараат на осигурениците сини картони. Дали е осигурен се проверува на ‘Мое осигурување‘ на страницата на Фондот. Ова треба да го прават и болниците, а не да се бараат сини картони“, објаснува претседателката на Здружението на приватни лекари, Лилјана Чолакова-Дервишева.

Прашана како се проверува платениот здравствен придонес доколку има пречки во електронскиот систем, д-р Дервишева-Чолакова вели дека тоа не се случува често.

„Но, и да е паднат системот, знаеме дека првите картички се поделени на поголемите фирми и на јавната администрација за кои се знае дека редовно се плаќа здравствено осигурување“, додава д-р Чолакова-Дервишева.

Досега до Здружението нема стасано поплаки од пациенти, но оттаму не исклучуваат дека се можни вакви ситуации со оглед на обемниот систем. „Информациите за картичките треба да се транспарентни, да се пренесат на сите вработени. Директорите се тие што треба да им укажат на сестрите дека платениот придонес може да се провери и на порталот ’Мое осигурување‘“, сугерира Чолакова-Дервишева.

Од Фондот за здравствено осигурување се категорични дека на пациентите кои веќе имаат е-картичка не треба да им се бараат сини картони. За тоа Фондот неколку пати со допис ги информирал здравствени установи. За да се користат картичките, Фондот вели дека Министерството за здравство одамна ги известил дека болниците и клиниките ја имаат потребната опрема, односно електронските читачи.

„Во функција е и софтверско решение со кое, со помош на картичката, се проверува статусот на осигурување (односно дали има или нема платено придонеси)“, објаснуваат од Фондот. Ако немаат електронски читачи, од Фондот велат дека со допис болниците се известени дека податоците за платениот придонес се добиваат и на „Мое осигурување, мој доктор“.

Поради реакциите од осигурениците дека покрај здравствена картичка им се бараат сини картони, екипи на Фондот почнувајќи од денеска ќе ги посетат здравствените установи уште еднаш да им го објаснат процесот на користење на е-картичката.

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари