Не се чека за стегање во гради, но и за израсток на дојка

ИТНИ СОСТОЈБИ ЗА KОИ НЕ СЕ ЗАKАЖУВА ПРЕГЛЕД

Љубица Балабан

Болки во стомак, висока телесна температура, повраќање, вртоглавица, анксиозност, но и израсток на града или друг орган. Ова се само дел од итните состојби за кои не мора да закажувате преглед кај специјалист, туку доволен е само упат, тврдат матичните лекари откако од Министерството за здравство ги обелоденија новите правила, според кои, за пациентите што се итни случаи и оние што одат на контрола кај специјалист нема потреба да ги закажуваат прегледите.

Граѓаните се во дилема кога можат без закажување да бидат упатени на преглед кај специјалист со новиот начин на електронско закажување „Мој термин“.

– Итноста како состојба с` уште не е дефинирана во нашата држава, но за итни случаи ги сметаме пациентите со болки во бубрег, во стомак, лицата со висока телесна температура, повраќање, вртоглавица, а секако и оние граѓани што веќе ги добиле првите симптоми на инфаркт или мозочен удар – стегање во гради, трпнење и одземеност на едната страна на телото или на говорот. За итна состојба се смета и лице со епилептични напади, а за жал, често и кај децата и кај возрасните пациенти има и анксиозни состојби, кои се опасни и за кои мора да ги преупатиме на Kлиниката за психијатрија зашто анксиозноста бара лицето веднаш да се хоспитализира. За овие и за други итни состојби нема потреба од никакво закажување на прегледот кај специјалист – појаснува д-р Лили Чолакова-Дервишова, специјалист по семејна медицина од Велес и претседателка на Здружението на матични лекари на РМ.

Матичните лекари апелирале да се дефинира кои се итни состојби.

– Некогаш, за жал, се злоупотребува итноста. На пример, кога зиме улиците во Велес се замрзнати, некои граѓани ја повикуваат Итната помош и за покачена температура од 37,2 степени зашто не можат да одат по мразот до амбуланта! Сега итноста ја определува матичниот лекар, кој проценува кои пациенти се акутни и итни, а кои се со хронични состојби. Притоа мора многу да се внимава зашто матичниот лекар е главен тријажер, кој решава каде да се упати болниот, па оттаму и одговорноста на секој од нас е многу голема, особено што и самите пациенти ги проверуваат нашите ставови кај другите лекари или преку интернет. Други итни состојби се и скршеници, каснување од инсект, особено кај лицата со алергија поради опасност од оток и задушување, како и сите други состојби со болки, пролив и пациентите со дехидратации. Во моментов сите пациенти се примени, а итните се веднаш преупатени до нашите специјалисти во Велес, а некои и директно ги упатуваме за Скопје. Досега немаме проблеми со ова – додава д-р Чолакова.

Скопјанка чиј син вчера бил итен случај раскажува:

– Син ми почна многу да го боли стомакот и поитавме во поликлиника „Јане Сандански“ каде што му земаа крв од прстот и урина, по што веднаш ни дадоа упат за Градската болница „Свети Наум Охридски“. Таму првин н` упатија во амбулантата за општа хирургија, но инсистирав да го види абдоминален хирург, по што веднаш и преку ред бевме примени, а лекарот го повикаа за да го прегледа син ми. Не чекавме воопшто – вели С.Н.

На прашањето дали за итен случај се смета и 18-годишно девојче, кое напипало израсток на дојката, д-р Чолакова е категорична:

– Тоа секако е итна состојба, која не треба да се закажува. За сите туморозни состојби за кои се сомневаме на малигнитет и кои прават некаков проблем секој матичен лекар мора да напише итно – нагласува д-р Чолакова.

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари