Одат двапати на преглед за исти упати и рецепти
Ако болните побарале помош од лекар што нема договор со Фондот и не работи со сини картони, а тој ги испратил на испитувања и анализи, тие не може да ги добијат со сино картонче. Ќе мора да појдат и кај специјалист што има договор со Фондот или е во јавно здравство, а тој да го препорача истото што го сторил приватниот лекар

Пациентите бараат секој лекар да располага со истите права
Нееднакви права за пациентите и за лекарите
Со упат или рецепт од приватен лекар што нема договор со Фондот за здравство и не работи со сини картони пациент не може да користи услуги и терапија платени од државата. Пациентите што си плаќаат здравствено осигурување се ограничени како ќе ги користат услугите доколку решат за некои од нив да платат приватно, а со тоа да си го намалат чекањето и да добијат мислење од лекар по избор. Така, ако побарале помош од лекар што нема договор со Фондот, а тој ги испратил на испитувања и анализи или им пропишал терапија и помагала, тие не може да ги добијат со сино картонче. Ќе мора да појдат и кај специјалист што има договор со Фондот или е во јавно здравство, а тој да го препорача истото што го сторил приватниот лекар.
Ваквото „казнување“ на болните е и дискриминација на лекарите, кои за да може да работат добиваат лиценца од Лекарската комора. Пациентите, докторите, здруженијата и коморите се едногласни во барањето сите да ги имаат истите права.
– Детето го однесов на приватен лекар за уво, нос и грло, за кој сметам дека е најдобар, а и не сакав да чекаме. По прегледот ни одреди снимање и анализи. Но не можевме да ги направиме со сино картонче додека не појдовме кај оториноларинголог во јавна установа. За тоа чекавме. Тој ги препорача истите снимања и анализи, па дури тогаш ги направивме. Не ми е јасно, зарем државата им верува на едни, а не им верува на други лекари? Јас со резултатите сепак појдов и кај приватниот лекар, затоа што ми беше значајно неговото мислење. Излегува дека сме казнети ние што ќе решиме да си платиме за услуги, а тоа не е фер – вели Марина Г. од Скопје.
Фондот не признава мислење на приватен лекар што оперирал пациент и рекол дека по интервенцијата има потреба, на пример, од ортопедско помагало. За да го земе со сино картонче, болниот ќе мора да добие мислење од доктор што работи во договор со Фондот.
– Тоа според мене не треба да биде така. Секој лиценциран лекар треба да располага со истите права. Така е во согласност со Уставот. Пациентите имаат право на избор – вели Владимир Лазаревик, магистер по јавно здравје и основач и директор на проектот „Хелтгрупер“.
Еднакво размислуваат и во Лекарската комора. Оттаму објаснуваат дека имаат испраќано барања за надминување на оваа состојба, но не добиле одговор.
– Проблемот е несомнен и реален. Воочен е и од доктори и од пациенти. Испратен е официјален допис до Министерството за здравство, со што се бара надминување на таквата состојба. Се чека одговор – рекоа од Лекарската комора.
Од Здружението на приватните лекари објаснуваат и зошто е подобро, и за лекарите и за пациентите, да се исправи неправдата.
– Апелиравме дека сите треба да се во еден систем, без разлика дали се во договор со Фондот за здравство или не. Сите имаме лиценца за работа и изборот е на докторот дали ќе работи со Фондот. И пациентите имаат право на избор. Треба да се признаат препораките за лекови и анализи од лекарите што немаат договор со оваа институција – вели д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението.
Доколку се признаат, додава, штеди Фондот, зашто не треба да плаќа за услуги што пациентот ги побарал кај лекар што нема договор со оваа институција.
– Исто така, пациентот добива услуга кога сака и од кого сака. Треба нешто да се менува во системот за навистина да имаме интегриран здравствен систем. Плус, матичните лекари мора да имаат на увид за сите прегледи на болниот, без разлика каде се направени. Законите треба да ги правиме како што нам ни одговараат – вели Чолакова-Дервишова.
И покрај сите барања, од Министерството за здравство рекоа дека сега засега е невозможно да се работи поинаку.
Автор: Наташа Бошковска-Златкова
Фотографија: Дарко Андоновски




