Во секој град ќе се тестира електронскиот рецепт

Тестирањето на системот за електронски рецепт ќе се врши во секој град во текот на овој месец, а на тестот ќе присуствуваат и претставници од Министерството за здравство, велат од Здружението на приватни лекари, кои се сретнале со министерот за здравство Никола Тодоров.
– Направивме план, ќе се тестира град по град, и тоа ќе се почне од лекарските ординации во помалите места со помалку пациенти, а ќе се продолжи во поголемите градови за да се види дали и каде нешто недостига во системот на електронското препишување рецепти, но ќе се проверува и закажувањето прегледи. На пример, имаме поплаки од пациенти дека некои лекари- специјалисти ги нема во ординација во терминот што го закажале, па прегледот не може да го направат, а никој претходно и не ги известил за промената. Во тестирањето ќе бидат вклучени и екипи од Информатичкиот сектор при Министерството за здравство и нашите координатори, кои ќе лоцираат каде треба да се интервенира – вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателката на Здружението на приватни лекари на Македонија.
Таа додава:
– Задоволни сме што министерот Тодоров покажа разбирање за сите проблеми што му ги предочивме на средбата и добро е што во јули електронскиот рецепт ќе оди како пилот-проект, а печатениот рецепт останува да важи до 1 август. Мора да има трпение од сите страни, во интерес на пациентите, а дел од нив сега се нервозни поради турканиците зашто се научени побрзо да им ги издаваме рецептите. Затоа на системот ќе му се направи стрес-тест за да видиме како ќе работи кога во една секунда сите реално би го оптовариле – и лекарите и фармацевтите – со закажување прегледи и со препишување рецепти. Проектот е добар и пациентите ќе имаат бенефит од него зашто со еден клик ќе може да закажат преглед и полесно да дојдат до лекот, а не да губат време закажувајќи по телефон или само за тоа да патуваат од еден во друг град – нагласува д-р Чолакова. (Љ.Б.)




