Уролог им закажал преглед на Задушница и не се појавил

Сите пациенти се појавиле на преглед, но не го добиле. Лути се вратиле кај матичните лекари, а нервозата се зголемила кога нареден термин што го добиле, не по своја вина, бил 26 јули. Така, за преглед ќе чекаат уште еден месец



Електронското пријавување не тргна лесно

Специјалист-уролог овозможил да се закажуваат прегледи кај него преку системот за закажување „Мој термин“ во петокот, во неработен ден, кога православните верници се подготвуваа за Задушница. Сите пациенти се појавиле на преглед, но не го добиле. Лути се вратиле кај матичните лекари, а нервозата се зголемила кога нареден термин што го добиле, не по своја вина, бил 26 јули. Така, за преглед сега ќе чекаат уште еден месец. Од понеделник почнува задолжителното закажување преку електронскиот систем. Матичните лекари велат дека има повеќе почетни нерешени ситуации.

Така, пациентите закажани за во неработен ден не добиле повик дека не треба да одат на преглед во болницата, како што се определени. Матичните лекари велат дека во системот нема место каде да ги запишат телефонските броеви, па така, и да сакал никој од болницата, не можел да им се јави. Некои од оние кои залудно отишле на преглед си барале поврат на пари за такси-превозот, објаснувајќи дека морале да го користат на горештините.

Закажани во исто време

Лекари се жалат дека се случувале софтверски грешки, па во ист термин имало закажани повеќе пациенти. Објаснуваат и дека летово, во некои установи ќе остане по еден хирург во одредена област. И доколку додека прегледува, го повикаат за итен случај, пациентите ќе чекаат, а и нејасно е дали ќе успее сите да ги прегледа и каков преглед ќе им пружи уморен од работа во операциона сала.
Од Здружението на приватни лекари потврдија за закажувањето на Задушница.

Д-р Лилија Чолакова-Дервишова вели дека лекари од повеќе градови предлагаат определени новини со кои ќе има измени во системот. Една од нив е да се закажуваат пациенти во тек на 6 часа од работното време, а два часа да останат за работа со итни случаи.

– Матичните лекари знаат да закажуваат електронски. Софтверите во министерството и во програмерските куќи не се усогласени и не може да поминат сите рецепти. Сметаме дека додека не се исправат овие системски дефекти не смее да има казни за ниту еден доктор и замолуваме во летниот период, кога има одмори и матичните лекари се двојно оптоварени, сето ова да биде во фаза на пилотирање, до септември. Ние, исто така, ги информираме пациентите и за електронските здравствени картички – вели таа.

Прават метежи кај дежурни лекари

Доктори во болници се пожалиле во Здружението дека пациентите, на кои многу далеку им се гледал закажаниот термин кај специјалист кој ги лекува, оделе кога тој е дежурен на работа. Така не го откажуваат закажаниот термин, а во исто време прават огромни метежи на дежурство. Пациентите се правдале пред лекарите дека мора да се снаоѓаат за да не чекаат предолго.

Лекарите закажуваат во системот преку Интернет, а пациентот на закажаното ќе треба да се појави во точниот термин, а не како досега, наутро, па да чека да му дојде редот. Секој пациент кога оди на матичен лекар, тој треба да го прегледа. Ако оцени дека треба да се заврши целата процедура, може да ја утврди дијагнозата и да му пропише терапија. Но ако оцени дека има определени проблеми за кои треба да биде консултиран специјалист, матичниот лекар во електронскиот систем му закажува термин на пациентот во точно определен час и датум, кај специјалист во здравствена установа на секундарно ниво. Ако специјалистот утврди дека треба да го препрати на некоја примарна дијагностичка процедура, како што е компјутерска томографија, магнетна резонанса или, на пример, ехо, тој закажува преку системот. Сите податоци остануваат трајно во системот.

Закажувањето не важи за итните случаи.

Инаку, за проблемите со „Мој термин“, од Министерството за здравство само рекоа дека ќе се решат и дека секој почеток е таков.

Автор: Наташа Бошковска-Златкова

Фотографија: Игор Бансколиев

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари