Матичен лекар земал 6 000 евра плата!
Матичен лекар заработил 6000 евра за еден месец. Фондот за здравствено осигурување исплатил капитација во вредност од 378 000 денари. Според извори на zdravstvo24.mk, ова се заработени пари на ординацијата. Најниксата исплатена капитација минатиот месец е во висина од 51 000 денари. Но во случајот станува збор за лекар кој само неколку месеци работи во договор со ФЗОМ. Капитацијата по осигуреник е 50 денари и матичните ја добиваат за бројот на пациенти. Во услови кога има и високи исплати на капитација, пред две недели на Извршен одбор на Лекарска Комора е одлучено да се бара зголемување на капитациониот бод. Односно лекарите да добиваат за 10 денари поголема капитација бидејќи биле зголемени трошоците и приватните здравствени ординации не можеле да излезат на крај. Ова барање комората го доставила до министерството и ФЗОМ. Засега нема одговор дали барањето ќе биде прифатено.
Демант од Д-р Лилија Чолакова Дервишова
Почитувана новинарска фела
Морам како Претседател на ЗПЛРМ веднаш да Ве демантирам во Вашето пишување.Не е прв пат новинар ,па и Министер да даде изјава да тоа што го зема еден матичен лекар е ПЛАТА.Тоа е надомест за покривање на сите трошоци кои ги има приватниот доктор во РМ.Или не сакате да пишувате тоа што е реалност или така сте приморани да напишете за да се креира негативно мислење за докторите во Македонија.Вистината е следна –
Докторите лекуваат и спасуваат животи.Само тие и никој друг.Зошто нема аргументи во текстот колку пациенти лекува таа ординација ,колку тима на доктори има,колку медицински сестри има вработено и колку е оддалечена од некое урбано место.Немате ни еден аргумент кој е опиплив.За сите кои читаат по овие медиуми јас би ги навела реалните трошоци на една приватна ординација.
Ако Фондот префрли на пример капитација од 180 000 денари и тоа е што би рекле новинарите 3000 евра-истите ги снемува од нашите сметки за еден ден.
Расходи-две медицински сестри по 13000 денари плата -26000 и плус персонален трошок 13000 денари -сето тоа е 39000 денари,плата за едната докторка 18000 денари -персонален плус 9000 -сето тоа е 27000 денари,плата за сопственикот на амбулантата 25000 денари и плус персонален данок 12000 денари.И нормално на оваа сета администрација мора да имате и некој кој ке ја средува-медицинска сестра вработено на 4 часа -плата 7000 денари и плус персонален данок 3500 денари.Книговодител 3000 деанри,хигиеничар 3000 денари,струја 12000 денари бидејки е Индустриска-*не ми е јасно која индустрија ја има матичниот доктор-вода ,телефони-бидејќи некогаш лекуваме и по телефон.
За да спасите човечки живот-многу е важно да дадете добар совет на вашиот пациент и да го упатите таму каде ќе добие вистинска помош.Значи точна дијагноза по телефон-со добро земена анамнеза-значи да спасите човечки живот. Фирмарина 6000 денари,софтверски програм 7000 деари еднаш годишно,тонери по два на месец за принтани рецепти -сега ќе одат по 4 ако почнеме да принтаме и упати.Мора да имате резервен принтер-ако Ви се расипе-за да продолжите во моментот со работење.Хартија 7700 секој месец,ампуларна терапија 12000 денари,осигурување од професионална грешка на целиот тим-8000 денари,плаќање на работилници за цели кон Фондот 4800 ,плаќање на чланарина кон ЛКМ и здруженија,.Регистрација на возило-докторите во РМ го одржуваат здравството со сопствени возила.Не живеат и работат сите во Скопје.
Има доктори кои патуваат и по 120 км -идење и одење до работно место секој ден.Бензин колку им е потребно месечно?Колку беше бензинот пред три години,колку е сега?Средства за хигиена,ЕКГ ленти,ЕКГ апарати-сите немаат добиено од Фондот.Тоа се случи само еднаш за овие 20 години приватно здравство.Лиценца за безбедност при работа,8400 денари.Набавка на комјутери со виндоус лиценца за да може секој да работи електронско здравство.Многу е лесно да се прават проекти со пари на матичниот доктор.За информација на сите кои ќе читаат во Словенија Фондот за здравство еднаш во годината ги наградува докорите со по 700 евра за да се обнови нешто од апаратура. Тоа се вели партнерски однос.
Во нашата свест како доктори-Министерството за здравство,Фондот за здравство и докторите треба да се партнери.Да седат на маса и ИСКРЕНО да разговараат.А не преку новинари.Нема потреба од дезинформации на јавноста да некој земал ПЛАТА 6000 Евра.Срамота.Треба ли мантили да се купат,летни ,зимски за цел тим.Медицински отпад месечно по 530 денари.Кирија плаќаат дел од колегите по 250 евра месечно.А сум видела и фактура од Здравствен дом Сингелик каде здравствениот дом фактурирал 25000 денари за кирија,парно ,струја и вода..Боца за кислород,фискални каси,поправка на истите-.Белење на амбулантите,санитарни книшки за целиот тим,систематски прегледи за цел тим и дали уште треба да бројам за расходи кои треба да се плаќаат од нашата капитација.
Овде никаде не спомнав да само во нашата држава постојат Пасивни пациенти.
За информација на јавноста тоа се пациенти кои се живи,но не се осигурани или сопстевникот не им плаќа осигурување -здравствено.Истите тие секој дневно поминуваат во нашите амбуланти и ги лекуваме или им даваме совети.Не постои приватен доктор кој не си ја работи совесно работата.Бидејќи приватниот доктор живее од љубезност,искреност,професионалност и ПОЧИТ кон пациентот.
Кој е најдостапен и бесплатен во државата-МАТИЧНИОТ ДОКТОР.КОЈ ГО ЛЕКУВА НАРОДОТ ВО СЕКОЕ ВРЕМЕ-МАТИЧНИОТ ДОКТОР.КОЈ Е СТОЛБОТ НА ЗДРАВСТВЕНИОТ СИСТЕМ-МАТИЧНИОТ ДОКТОР.КОЈ ГИ ПРИФАТИ СИТЕ ПРОЕКТИ НА ОВАА ВЛАДА-МАТИЧНИОТ ДОКТОР.БАРАМ ПОЧИТ КОН ОВАА ФЕЛА.САМО ТОЛКУ.И ТОА Е БЕСПЛАТНО.6000 евра не е ПЛАТА.
Со почит Др Лилија Чолакова Дервишова
Претседател на ЗПЛРМ и член на Извршен одбор на ЛКМ
Коментари2 коментари





За момент си помислив дека натписот на Здравство24 се однесува на некоја друга земја…а не за Македонија…Си реков можеби зборат за Израел !
Таму , за информација на авторот на овој плиток и со ниеден факт поткрепен текст, да му појаснам, капитацијата на матичниот лекар навистина значи и негова плата !!! Сите останати трошоци, компјутери , софтвери, осигурувања , режиски трошоци се на товар на Фондот за здравствено осигурување со кој дотичниот лекар има склучено договор. Дури и Целокупниот друг персонал, медицински сестри и техничари, па дури и осигурувањето од лекарска грешка е на товар на Фондот! Само штета што ние сме многу далеку од Израел и географски и системски.
Една сугестија до порталот Здравство24, да прекине со вакви паушални колумни и да почне вистински и реално да известува за состојбите во здравството, што е во интерес на сите нас, и на пациентите и на докторите. Критиките се добредојдени, само ако се реални, зошто само така навистина ќе бидат потстрек за позитивни промени во здравството.
И уште една сугестија до порталот и неговите колумнисти, или подобро кажано апел за практикување на новинарска култура, и превземање на одговорност за напишаниот текст, Авторот на текстот да се претстави со име и презиме, така што со својот авторитет би застанал зад вистинитоста на тоа што го објавува. Се друго ке се смета за непрофесионализам и ширење на лаги и невистини за да се замајува јавноста и да се оттргне од суровата реалност!
Д-р Игор Дабески
Одлично кажано!
Се надевам дека тие на кои не им е јасно која е разликата меѓу капитација и плата еднаш веќе ке сватат…Иако имало досега објаснувања и од Heltgruper -очигледно дека некому не му е јасно?
За жал, лично мислам дека баш поради таквите изјави -zdravstvo 24 јавноста нема реална претстава за примањата на избраните лекари и давачките растат.
Само незнам кому му оди во прилог ширење раздор меѓу лекарите…Ние зависиме едни од други и од нашата соработка зависи здравјето на пациентите а и нашето здравје…
Ако беа избраните лекари во така добра финансиска состојба, дали ќе заминуваа на работа во странство?
Др.Елица Станишлевиќ