Матичните лекари бараат повеќе пари од државата

Лекарската фела бара зголемување на капитацијата за 10 денари, односно од 50 на 60 денари
Јасмина Јовановска-Вељановска
Матичните лекари бараат покачување за 20 отсто на бодот што им го исплаќа Фондот за здравствено осигурување месечно за секој пациент. Тоа значи дека сегашната капитација од 50 денари да се зголеми на 60 денари по пациент.
Образложението на матичните лекари за зголемувањето е дека за да може да се воведат електронското здравство, стандардите и новините кои со новите законски измени ги бара државата од една приватна ординација, потребни им се повеќе средства.
„И матичните лекари се за квалитетно и електронско здравство, но тоа бара повеќе пари. Секоја новина повлекува дополнителни трошоци. Откако се воведе електронскиот рецепт, како и закажувањето по електронски пат, на матичните ординации им се зголемија давачките за печатење рецепти и упати, за кои се троши куп хартија. А да не зборуваме дека мора да се има резервен печатач или тонер, за да нема застој во издавањето на рецептите и упатите. Ова навидум е мала работа, но еве пред неколку дена ни откажаа печатачите, па пациентите мораа да чекаат да се снајдеме или да дојдат друг ден по рецепти и упати“, објаснува претседателот на Здружението на приватните лекари, Лилјана Чолакова-Древишева.
Но, освен овие, тука се тековни режиски трошоци на ординациите, кои кај некои доаѓаат и до 25.000 денари месечно. „Ако на ова се додаде дека ординациите мора да се осигураат, потоа треба да се обноват и осигурувањата од лекарска грешка, а со новите законски измени секоја ординација треба да има и лиценца дека е подготвена да дејствува во кризни состојби. Сите овие правилници и стандарди бараат пари. Порасна и вредноста на потрошувачката кошница, а вредноста на капитација не е покачена од 2010 година“, додава д-р Чолакова-Дервишев.
А за да функционира нормално една матична ординација, според анализите на здружението, потребни се околу 140.000 денари месечно. „Покрај тековните издатоци и тимот треба да има пристојна плата, и тоа лекар 30.000 денари, а медицинската сестра барем 20.000 денари. А не како сега еден лекар се случува да зема и 15.000 денари. Секако веднаш ќе речат, па толку не земаат хирурзите, ние сме за тоа сите соодветно да се вреднуваат“, потенцира д-р Чолакова-Дервишева.
Ваквото барање како заклучок, Лекарската комора и Здружението на приватни лекари веќе го доставиле до Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство.
Но, од Фондот и од Министерството за здравство не ни одговорија каков е нивниот став по ова барање. Пред околу една година Здружението бараше зголемените трошоци да ги компензираат со воведување партиципација за пациентите од 50 денари. Но, тоа не им помина кај надлежните, а сегашното барање за покачување на капитација е уште еден обид во таа насока.




