Најдоцна за една година ќе се пресадуваат органи од починати
Законските измени се во финална фаза, но многу е битно да тече обуката. Дел од докторите веќе беа. Разговаравме за можноста за наши лекари да одат во Франција, а нивни да доаѓаат тука. Со понатамошната соработка сметам дека брзо ќе успееме да ја заживееме кадаверичната трансплантација – Јован Грповски
.jpg)
Кадаверичната трансплантација треба да ја води национален координатор
СО НОВИТЕ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ
Како да се организира систем за трансплантација на органи од пациент со мозочна смрт или кадаверична трансплантација, беше дел од дискусијата на лекарите, Фондот за здравство, проф. Беатрис Сеномуд од Агенција за биомедицина во Франција и проф. Лионел Ростеинг од Клиника за нефрологија и трансплантација на органи во оваа држава. Директорот на фондот Јован Грповски рече дека законските измени со кои ќе се регулираат кадаверичните трансплантации наскоро ќе влезат во собраниска процедура, а директорот на Клиниката за нефрологија, проф. д-р Александар Шиколе, очекува дека ќе се развие во текот на една година.
Кадаверичната трансплантација треба да ја води национален координатор, а за да функционира се предвидени низа ангажмани на лекари што ќе бидат дел од системот.
– Законските измени се во финална фаза, но многу е битно да тече обуката. Дел од докторите веќе беа. Разговаравме за можноста за наши лекари да одат во Франција, а нивни да доаѓаат тука. Со понатамошната соработка сметам дека брзо ќе успееме да ја заживееме кадаверичната трансплантација. Кога Државната изборна комисија ќе прогласи дека завршуваат изборите, измените на законот ќе може да поминат во собраниска процедура. По донесување ќе се именува национален координатор – рече Грповски.
Проф. Сеномуд вели дека смета оти во земјите во ограничени ресурси треба да се направи тело слично на нивната агенција за трансплантација, кое ќе ги координира и ќе ги раководи активностите.
– Во Франција годишно се прават по 5.000 трансплантации, од кои 3.000 се на бубрези, 1.500 за црн дроб, а другите на срце и бели дробови. Повеќето се кадаверични трансплантации. Има софтвер преку кој се прави поделба на органите, достапен на јавноста – вели професорката.
Проф. Ростеинг вели дека е многу значајно за Македонија да ја развие кадаверичната трансплантацијата и објасни дека во Франција луѓето може да се регистрираат дека не сакаат да донираат органи. Преостанатите се потенцијални донори, но сепак се прашува семејството дали ќе донира органи од починатиот.
Професорите во Франција беа гости на симпозиум организиран од Здружението на нефролози.




