Систематските прегледи да се засилат и со тумор-маркери
Иако малигните заболувања се прва причина за инвалидски пензии во последните пет години, надлежните не планираат да го изменат Правилникот за систематските прегледи и да вклучат дополнителни прегледи и лабораториски анализи со цел порано откривање на ракот кај вработените. Стручњаците се поделени – матичните лекари сметаат дека во систематските прегледи треба да се вклучени и тумор-маркери, а од Институтот за медицина на трудот имаат друг став – дека се доволни постојните испитувања. Надлежните од Министерството за здравство сметаат дека онколозите треба да се изјаснат за воведување на тумор-маркери при систематските прегледи.
Лекарите од Институтот за медицина на трудот сметаат:
– Има нов правилник за превентивните (систематски) прегледи од минатата година и ако се постапува според него и ако прегледите се изведуваат како што треба, нема потреба од воведување дополнителни анализи за вработените – вели д-р Јордан Минов, специјалист по медицина на трудот во Институтот.
Вработени, кои биле на систематски прегледи кои се задолжителни на две години, реагираат:
– Kако може да се открие ракот во рана фаза кога ни се прави само крвна слика и урина, ЕKГ на срцето… Kолега го помина систематскиот преглед, доби мислење дека е способен за работа, а за нецел месец откри дена е болен од рак – прашува 50-годишен скопјанец.
Од Здружението на матичните лекари предлагаат систематските прегледи да се засилат со други контроли.
– Барем да се воведат и тумор-маркери по одредена возраст – кај постарите од 40 или 50 години, а таа мерка не е инванзивна, се испитува крвта, а така ќе може понавреме да се открие ракот. Проблем е што овие анализи се прават само во Скопје, а не и по другите градови – вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението.
Таа воедно бара:
– Апелираме итно институциите што се грижат за здравјето на граѓаните да најдат начин како граѓаните да ги натераат да прават превентивни прегледи за ракот што порано да се открие. Ние предложивме пациентите да имаат обврска најмалку еднаш годишно да се јават на лекар, во спротивно, да го изгубат правото на син картон – нагласува д-р Дервишова, која додава дека токму деновиве кај пациенти што дошле во ординација само за рецепти за лекови за притисок, а не чувствувале никакви тегоби, измериле значително повисоки, опасни вредности.
– И покрај лековите што ги земале, им утврдивме висок крвен притисок, иако рекоа дека не осетиле ништо – појаснува д-р Дервишова.
Министерството упатува на онколозите
Од Министерството за здравство сметаат:
– Во однос на прашањето за евентуално воведување нови здравствени услуги, потребно е стручно-медицински издржано мислење од фелата, како на пример од Здружението на онколози, во однос на користењето на тумор-маркерите и во останатите земји, нивната медицинска веродостојност, бенефитот и слично. Видот, начинот и обемот на здравствените прегледи на вработените се утврдени со Законот за безбедноста и здравјето при работа, чии измени неодамна беа усвоени, за подобрување на квалитетот на здравствените услуги на вработените, но и подобрување на квалитетот на услугите во системот на здравствена заштита, но и услугите во врска со здравјето и безбедноста при работа. Освен стандардниот минимум, кој е задолжителен за сите систематски прегледи, се вршат и дополнителни прегледи, во зависност од ризикот на работното место.




