Пациентите чекаат електронското закажување да ги спаси од турканиците

БОЛНИТЕ НА ГОТОВС ЗА „МОЈ ТЕРМИН“, СПЕЦИЈАЛИСТИТЕ СЕ ПОДГОТВУВААТ

Многу пациенти од Скопје, но и од другите градови едвај чекаат да заживее проектот „Мој термин“ и преку своите матични лекари да почнат со електронско закажување прегледи и снимања на магнетна резонанција, компјутерска томографија, ехо или рендген.

Љубица Балабан

Во чекалниците во скопската поликлиника „Бит-пазар“ пациентите што вчера чекаа на преглед кај матичните лекари, коментираа:

– Еве мене наскоро ќе ми треба преглед кај нефролог и се надевам дека матичната лекарка ќе ми го закаже на овој начин – преку компјутер – вели скопјанката Kрујази Мирвет од Чаир.

Повеќето пациенти се жалат дека досега најчесто оделе прво да закажат кај специјалист, се враќале дома, па повторно се упатувале на закажаниот преглед.

– Чекавме и по трипати на шалтерите за да го закажеме и да го направиме неопходното снимање или прегледот кај специјалистот. Додека да стасаш на ред, ќе заборавиш за што си дошол кај лекарот – реагираат пациентите.

Д-р Христина Лескароска, матична лекарка од оваа поликлиника, која била вклучена и во пилот-проектот за новиот начин на закажување појаснува:

– С` уште во системот не се вклучени сите работни единици, односно сите специјалисти, па на пример, може да се отвори веб-страницата на Здравствениот дом Скопје, но не и податокот за сите интернисти кои се на располагање, за да може да ги закажуваме прегледите. Очекуваме системот да профункционира, а се надеваме дека ќе биде олеснување за пациентите – вели д-р Лескароска, која и покрај најавата од фирмата која е одговорна за оваа компјутерска програма, дека таа од понеделник ќе почне да функционира, вчера не можеше да пристапи на страницата за електронско закажување.

Од Здружението на приватните лекари очекуваат дека на состанокот, закажан за вчера попладне, да се расчистат сите дилеми за да се знае кога ќе почне електронското закажување.

– Ги договараме последните поединости со Фондот, Министерството за здравство и со фирмата, која е одговорна за системот на закажување. Претходно од Министерството ни дадоа апликација за сите матични лекари, кои не се преку оваа фирма, да почнеме со закажување прегледи преку веб-страницата. Во земјата има 1.400 ординации во кои работат матични лекари, плус специјалисти. Досега некои специјалисти работеа со закажување, а некои ги примаа пациентите директно. Денес ќе ги утврдиме сите детали. Секој специјалист ќе треба да си направи распоред за работа, според кој ние, преку увидот на веб-странаицата, ќе може да им закажуваме на пациентите. Министерството ќе треба постојано да ги ажурира податоците – велат од Здружението, од каде што предлагаат да има и пробен период.

Од Министерството за здравство, од каде што пред неполн месец ја најавија оваа новина, вчера не одговорија конкретно кога ќе почне да функционира овој начин на закажување прегледи и снимања.

Правилата во делот на упатувањето остануваат да важат – тоа значи дека и покрај новиот систем на закажување преку интернет, ќе мора да обезбедите упат прво за секундарно (специјалист и болница), па оттаму, ако е неопходно, и за терцијарно ниво на здравствена заштита (клиника). Единствено хронично болните се упатуваат директно на клиника.

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари