Пациентки се клукале со аналгетици, а добиле цироза на црниот дроб?
ЗЛОУПОТРЕБА НА ЛЕKОВИТЕ ПРОТИВ БОЛKА

Пациентки со години пиеле ист аналгетик за да се спасат од ревматски болки, а добиле цироза на црниот дроб, алармираат матични лекари. Токсиколозите не ја исклучуваат можноста причината за тоа што откажува црниот дроб да е токму лекот против болка и апелираат да бидеме многу претпазливи со овие препарати, од чие користење имало и акутни труења.
– Две мои пациентки пијат ист нестероиден антиревматик веќе 20 години зашто имаат гонартроза, а еве се разболеа од цироза на црниот дроб. Ова е првпат во мојата дведецениска практика ова заболување да добие и пациент кој не е алкохоличар! Пациентите не н` слушаат и со години пијат лекови против болки, а мое логично објаснување е дека кај овие болни, кои долго време пиеле нестероидни антиревматици, со тек на време, се оштетил и црниот дроб, кој е главната „лабораторија“ во организмот која треба да ги преработи сите хемикалии. Kога ги советуваме пациентките да ја променат терапијата и да не пијат еден ист лек долго време, тие велат дека немаат пари и продолжуваат со истиот лек, кој е на товар на Фондот. На една од овие пациентки, која има 70 години, а пие и лек за зголемен крвен притисoк, иако ~ советував да го смени начинот на живот и исхраната, да се движи повеќе и да ослабне, таа ништо не послуша, ниту се испита има ли и остеопороза. Продолжи да се клука цели 20 години со ист лек и на крајот, доби и цироза на црниот дроб – вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, матичен лекар во Велес и претседателка на Здружението на приватни лекари.
Состојбата кај оваа пациентка деновиве е влошена.
– Стомакот ~ е полн со вода и таа мораше да замине во болница зашто црниот дроб веќе не ~ функционира. Јас не можам да тврдам дека тоа е исклучиво од употребата на лекот, но сигурно е дека тој се оштетил и од прекумерна употреба на антиревматик. Поголемиот дел од пациентите како да не сакаат да разберат дека не смеат непрекинато да пијат некој препарат, па апелираме да не ги злоупотребуваат и лековите против болки, но и други – советува д-р Чолакова, која случајот не го пријавила во Центарот за несакани дејства од лековите.
Од Kлиниката за токсикологија, каде што веќе имало и акутни труења со лекови против болки, предупредуваат дека тие премногу се употребуваат, а поразително е што пациентите ги земаат некогаш и без никаква консултација со лекар.
– Иако не сум убеден, не е исклучена можноста дека цирозата настанала како резултат на антиинфламаторни лекови, во кои спаѓа и овој антиревматик. Факт е дека сите аналгетици се прилично токсични, а особено ако се знае дека секој лек е отров, а само дозата е пресудна дали тоа и ќе биде. Точно е дека лековите што се пијат речиси целиот живот, може да подобрат одредена состојба, но истовремено да направат и проблеми кај други органи или системи. Во основа, сите аналгетици се отровни за црниот дроб, но и за бубрезите и за централниот нервен систем – вели д-р Андон Чибишев, директор на Kлиниката.
Тој алармира дека сите лекови се разградуваат во црниот дроб, кој како детоксикатор на организмот, има и одреден рок на употреба.
– Ако го преоптовариме со дополнителни активности, црниот дроб за кусо време ќе се истроши и може да настане нарушување кое ќе доведе до заболување, но и до цироза, која е краен стадиум – вели д-р Чибишев.
Љубица Балабан
Фармаколозите чекаат пријава за несакани дејства од лекот
На Институтот за фармакологија велат дека досега немале пријава за несакани дејства од овој аналгетик.
– Докторот треба да го пријави секое несакано дејство што ќе се појави од некој лек. Можеби жените пиеле и алкохолни пијалаци, освен лекови… Лековите против болки имаат ист механизам на дејство, а освен преку црниот дроб, некои се излачуваат и преку бубрезите. И да пиеле различни аналгетици, ова можеби би се случило. Но секоја појава која е сомнителна по употребата на некој лек, треба да се пријави во Центарот за несакани дејства од лековите – вели д-р Никола Лабачевски, директор на Институтот.




