Матичните лекари се за ефикасност и штедење
Не барајте антибиотици кога не ви требаат
Износот за лекови на рецепт – 330 денари за осигуреник – да не биде строго поделен како досега – 180 за хронична терапија и 150 за антибиотици и за лекови за смирување, бара Здружението на приватните лекари од Фондот за здравство.
До 1 јануари износот за лекови што се на товар на Фондот изнесуваше 550 денари за осигуреник за период од три месеци, а потоа се намали на 330 денари.
– Два месеца откако стапи во сила новото упатство, педијатрите кои препишуваат, главно, антибиотици, а речиси немаат пациенти за хронична терапија, предложија Фондот за здравство да ја измени одлуката и сумата за лекови да се пресметува како вкупна, а зависно од потребите на пациентите, да се распределува за соодветна терапија. На овој начин, сите заеднички ќе можеме да штедиме – вели д-р Лили Чолакова – Дервишова, претседател на Здружението на приватните лекари.
Чолакова го коментира и износот од 330 денари за три месеци за осигуреник.
– Kога пациентите би не слушале кога да пијат антибиотици и други лекови, износот би останувал дури и неискористен.. Но, с` уште немаме механизми навистина да го запреме пациентот во неговото барање да му се даде антибиотик дури и кога тој е навистина непотребен – појаснува таа.
Секоја година има одреден број лекари кои ја пречекоруваат сумата за лекови од 3 до 7 отсто, зашто нивните пациенти најчесто се болни и стари лица кои примаат хронична терапија.
Здружението, нагласува д-р Чолакова, ќе бара во април да нема казни за лекарите кои, иако го почитувале режимот на препишување лекови, сепак ја пречекориле предвидената сума.
– Сметаме дека препишувањето рецепти не е превенција, туку лекување – вели Чолакова.
Од Здружението очекуваат надлежните во Фондот да го прифатат нивниот предлог за препишувањето лекови.
Од Фондот за здравство изјавија дека се разговара со Здружението на приватни лекари и дека податоците се анализираат.
(Љ.Б.)




