Одат на доктор за муабет и за прошетка
Освен поради времето што ќе го потроши матичниот лекар за да му закаже на пациентот, а тој да избере каде сака, чекањето уште повеќе ќе го зголемуваат старите навики на група осигуреници да одат на преглед и за тоа што не треба. Или, пак, наместо еднаш, да одат по неколку пати. Така се создаваат непотребни метежи, но и нервози во ординациите. Лекарите пресметале дека 30 проценти од прегледите, односно од влегувањата кај нив, најчесто се непотребни

УШТЕ ПОВЕЌЕ ЌЕ СЕ ЧЕКА КАЈ МАТИЧЕН ЛЕКАР
Чекањето за кај матичните лекари ќе се одолжи откако кон средината на април тие ќе почнат да им ги закажуваат прегледите, анализите и снимањата на болните кај специјалисти. А сигурно ќе трае додека не се навикнат и не научат каде и кај кој лекар колку се чека, или пак да ги запаметат желбите на нивните пациенти за тоа кој сака да ги лекува. Чекањето уште повеќе ќе го зголемуваат старите навики на група осигуреници да одат кај матичниот и за тоа што треба и за тоа што не треба. Или, пак, наместо еднаш, да одат по неколку пати. Така се создаваат непотребни метежи, но и нервози во ординациите, особено во периоди на вируси. Лекарите пресметале дека 30 проценти од прегледите, односно од влезовите кај нив, најчесто се непотребни.
Помалку трчање, но повеќе чекање
Од средината на наредниот месец пациентите повеќе нема да мора да одат по здравствените установи и да си ги закажуваат прегледите, за потоа да се појават на закажаниот ден. Оттогаш таа обврска за нив ќе ја завршуваат лекарите, а освен ден, тие ќе им даваат и конкретен термин кога да се појават на прегледот. Имено, тие на пациентите ќе треба да им ги кажат можните места и доктори кај кои може да појдат, колку се чека кај секој, за пациентите да изберат. Овој проект ќе ја скрати маката на болните, но ќе отвори повеќе работа за лекарите. Тоа може да значи дека некои од нив ќе поминуваат подолго време во ординациите, а за сметка на тоа оние што се во чекалниците ќе чекаат подолго.
Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари, вели дека добила објаснување за тоа како ќе се закажува преку Интернет.
– Се работи за три клика на компјутерското глувче. Тие и не одземаат многу време. Но време може да се троши во размислувањето на пациентите, да се научат информациите каде колку се чека. На 80 прегледи дневно, колку што на пример може јас да имам, тоа ќе биде сериозен проблем за секој лекар да им угоди на желбите на пациентот – вели нашата соговорничка.
Ајде, такси ме чека
Голем дел пациенти, особено постарите, пензионерите, кај матичен лекар одат и кога не им е потребно или, како што знаат да се пожалат докторите, „да прошетаат“. Тие велат дека пациенти буквално го злоупотребуваат тоа што прегледот е бесплатен, имаат време да чекаат, па се случува да влегуваат во ординациите кај лекарот само поради мерење на крвниот притисок, или со нереални желби.
– Имам пациент што двапати дневно, секое утро и вечер, доаѓа за да го измериме крвниот притисок – вели матичен лекар.
Д-р Чолакова Дервишова објаснува дека кај докторите што работат со сини картони околу 30 проценти од прегледите или влегувањата се непотребни.
– Има пациенти што доаѓаат најмалку трипати месечно. На пример, во почетокот на месецот ќе дојдат по рецепти за хронична терапија, па за пет дена по „дијазепам“, а потоа за упат за некое испитување. Сите овие обврски може да се завршат за еден ден. Мора да се најде начин да се стави ред и да може да се закажува кај матичните. Јас на пример имам 2.400 пациенти, а од почетокот на месецот до средината на февруари имам 2.000 прегледи – вели д-р Чолакова Дервишова.
Таа укажува и дека треба да се воспостават светски стандарди за време на кое се прават одредени анализи. Вели дека, на пример, има пациенти што сакаат анализи на крв иако неодамна ги направиле.
– Се создаваат непотребни нервози во чекалниците. Пациентите знаат да довикуваат од таму „ајде, побрзајте“ или „ајде, ме чека такси“ – додава нашата соговорничка.
Според последните податоци на Фондот за здравствено осигурување, во 2011 година повторно е забележан пораст на бројот на реализираните рецепти за лекови за 6,9 проценти, кога пациентите со сини картони земале повеќе од 16 милиони лека, за што матичните им дале рецепт.
Коментари2 коментари





Kako se kreira korisnicka smetka na MOJ TERMIN za maticen lekar.
Jas mislam da najdobro ke bide so pocnuvanjeto na elektronskoto zakazuvanje za sekundarno nivo ,i cel primaren sektor treba da pocneme so zakazuvanje na pregledi i sekoj da si odredi MOJ TERMIN i za kaj Maticen doktor.Sekoj pacient treba da si go planira svoeto vreme za kaj nas i so edno idenje da se pregleda,sovetuva,zeme upat i si napravi preventivni pregledi.Site da se Racionalni vo se.