Со матичниот во пензија оди и ординацијата

СЕ БАРА KОНТИНУИТЕТ ЗА KОНЦЕСИИТЕ

Пациентите чии матични лекари заминале во пензија се во потрага по нови зашто сe уште не се доделуваат нови концесии за дејност во постојните ординации. Од Здружението на приватните лекари инсистираат да нема застој во преземањето на дејноста – кога еден матичен лекар се пензионира, ординацијата веднаш да ја преземе друг.

– Најтешко ми паѓа што морам да ја сменам локацијата и да изберам лекар кој работи многу подалеку. Добро би било кога ординацијата не би имала прекин во работата – друг лекар да го замени пензионираниот колега, па ако тој добро се грижи за моето здравје, нема да барам матичен на друго место – вели пензионер од Скопје.

Преземање на ординациите

Од Здружението на приватните лекари инсистираат на континуитет во преземањето на дејноста.

– Kако здружение, имавме неколку предлози до Министерството за здравство и некои од нив беа прифатени – на пример, новиот концесионер да мора да го прифати стариот тим, односно медицинските сестри да останат на работа. На наредната средба ќе му укажеме на Министерството дека не смее да има вакуум во вакви ситуации – кога се пензионира колега, да ја преземе ординацијата друг и да нема дисконтинуитет во лекувањето на осигурениците – вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението.

Таа најавува дека уште еднаш ќе побараат Министерството да распишува месечни или дури и неделни конкурси за доделување нови концесии за дејноста.

– Сега се случува и да минат неколку месеци додека да се доделат нови концесии. Нашите апели треба сериозно да се примат зашто трпат и лекарите и медицинските сестри, кои не примаат плата додека не ги преземе новиот концесионер, а пациентите не можат да ја добијат неопходната нега. Има примери во скопската поликлиника Чаир, а и во Охрид, Штип, Битола, каде што со месеци зјаат празни ординации, а имале по илјадници пациенти – вели д-р Чолакова-Дервишова.

Kога лиценцата на приватната здравствена установа би важела, како што барале членовите на Здружението на приватните лекари, вели Чолакова-Дервишова, работите би се поедноставиле.

Во поликлиниката Чаир потврдуваат дека се празни две ординации – за предучилишна и за училишна медицина.

Доделени 70 концесии

До крајот на 2012 година се доделени 70 концесии по општа медицина, стоматологија и гинекологија, велат од Министерството за здравство.

– Бројката постојано се менува, во зависност од доставените барања и исполнувањето на условите за работа на установата, во поглед на простор, опрема и кадар.

Се води сметка за пополнување на ординациите каде што лекарите заминале во пензија, а истовремено се води сметка и за исполнување на потребните предуслови. Јавните здравствени установи сами си распишуваат концесии, а ние само даваме дозвола согласно мрежата и исполнетите законски услови – појаснуваат од Министерството.

Љубица Балабан

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари