Еден матичен лекува, друг кешира од Фондот

Не се знае чија грешка се големиот број виртуелни матични лекари – на Фондот, на тие што ги средувале обрасците, на софтверот или на пациентите кои имаат по неколку здравствени книшки
Иако се лекуваат кај еден матичен лекар, многу пациенти по грешка се евидентирани кај друг, кој не ги ни видел, а со години добивал пари од Фондот за здравство. Пациенти реагираат што тие мора да исправаат туѓа грешка и да губат време одјавувајќи го виртуелниот лекар по фондовските шалтери. Од Фондот се правдаат дека грешката не е нивна, туку на матичните лекари, а тие, пак, вината им ја префрлуваат на пациентите, кои истовремено имале по неколку книшки и неколку матични лекари, користејќи ги бенефитите од тоа!
Скопјанка е изненадена како можела сиве овие години со погрешен матичен лекар да подига и лекови на рецепт од аптеките, додека во здравствената книшка уредно била запишана лекарката што ја лекува.
– Се зачудив кога докторката што со години ми дава рецепти и упати ме извести дека всушност не е мојот избран лекар повеќе од 3 години и дека мора да барам одјава и од нејзин колега од Kуманово што не го ни познавам, ниту пак некогаш сум била на преглед кај него. Бев во подрачната служба на Фондот, но поради големите турканици пред шалтерите, не успеав да завршам работа. На крај, на интернет ја најдов адресата на лекарот, пратив роднини да ја земат одјавата оттаму и конечно ~ ја дадов на мојата матична лекарка. Не ми е јасно зошто и јас и таа да се малтретираме кога грешката не е наша – револтирана е оваа пациентка.
Фондот не згрешил
Има многу неправилности при изборот на матичен лекар, потврдуваат во Фондот за здравство, но топката ја префрлаат кај лекарите.
– Тоа се неправилности од избраните лекари, кои излегоа на виделина откако се воведе веб-страницата „Мое осигурување“, преку која секој по електронски пат може да види кој му е матичен лекар. Има случаи на осигуреници кои никогаш не го избрале лекарот што тука им фигурира! Ако осигурениците сакаат да извршиме контрола во здравствените установи, потребно е да достават соодветна документација – одјава за пријава и одјава за промена на матичен лекар на образец, издаден од Фондот и фотокопија од здравствената легитимација на која избраниот лекар и неговата замена со факсимил го верификуваат изборот. Документите може да се достават и по електронски пат или во архивата на подрачните и во Централната служба на Фондот – појаснува Бранко Аџигогов, портпарол во Фондот.
Ако се констатира неправилност при изборот на матичен лекар, вели Аџигогов, се изрекуваат и договорни казни.
– Дали ќе биде казнета здравствената установа, решаваат членовите на Kомисијата за оценување услови за изрекување договорни казни – додава Аџигогов.
Ретроактивна исплата не е можна
Се чини дена со куси ракави ќе останат лекарите што совесно работеле бидејќи парите од капитација ретроактивно не ќе можат да им се вратат.
– Увидовме дека со „Мое осигурување“ се откриени голем број неправилности што се случиле по грешка – на вработен во Фондот, на тие што ги средувале ИЛ-обрасците или софтверска грешка. Факт е дека со проектот „Мое осигурување“ и со можноста по електронски пат да се провери кој е чиј матичен лекар, многу лекари се израдуваа што конечно увидоа каде им се пациентите, но откривме и фрапантни податоци – дека голем број пациенти ги манипулирале докторите. На пример, секој пациент слободно можел да извади нова здравствена книшка и да си одбере друг лекар. Само кај мене има 25 пациенти што ги користеле моите услуги, а паралелно се водат и кај други лекари – вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватните лекари.
Таа апелира надлежните поригорозно да се однесуваат кон осигурениците што се обидуваат „да искористат што повеќе, а да платат што помалку“.
На лекарите што со години им пружале услуги на пациентите, а не добиле ниту денар, капитацијата не ќе може да им се исплати ретроактивно.
– Немаме таква ставка во договорите што сме ги потпишале со Фондот. На претстојните средби со колегите ќе разговараме тоа што досега сме го пропуштиле да биде дел од новите договори со Фондот за здравство.
Во земјава има околу 1.300 матични лекари.
Љубица Балабан




