Скопските матични лекари ќе дежураат секоја сабота во поликлиниките
Преглед, терапија, упат, рецепти. Овие услуги пациентите во Скопје може да ги добијат и во саботите од било кој матичен лекар. Од први месецов матичните дежураат во поликлиниките од 7.30 до 19 часот по однапред направен распоред. Дежурство ќе имаат еднаш на 2 месеци.
– Основна цел на овие дежурства е да им се пружи здравствена заштита на осигурениците на кои им е потребна неодложна медицинска помош посебно за акутните состојби како што се дехидрација, состојби со висока температура, покачен крвен притисок, главоболка, градни болки, гушење, повреди и слично. Предвидено е дежурните лекари да може да препишуваат рецепти на 12 генерики на лекови кои се на товар на Фондот, рече Јован Грповски, директор на ФЗОМ.
Воведувањето на саботните дежурства на матичните е придобивка и за пациентите и за лекарите.
– Од друга страна, матичните лекари кои досега дежураа во своите ординации, сега ќе имаат обврска да дежураат еднаш на два до три месеци со што ќе имаат повеќе слободни денови, рече д-р Лили Чолакова Дервишова , претседател на здружението на приватни лекари.
Во саботата кога стартуваа дежурствата над 500-тина пациенти во Скопје добиле здравствена услуга од матичен лекар.
Александар Динев




