Дури 35.000 пациенти месечно ги менуваат матичните лекари

примарното здравство како сообраЌаен шпиц

Околу 35.000 пациенти месечно ги менуваат своите матични лекари и се пријавуваат кај други. Оваа фрапантна бројка ја потврдуваат во Фондот за здравство (ФЗО) и велат дека месечно има и по 77.000 пријави и одјави на лекари. Најчести причини зошто се менува лекарот е незадоволството на пациентите кога се одбиени за боледување и за препишување антидепресиви или антибиотици, а една од главните причини е масовната преселба во Скопје од помалите места! Има и банални, дури и апсурдни причини – еден велешанец, на пример, си ја сменил лекарката зашто сакала да му направи ЕKГ!

Право без причини

Секој осигуреник на ФЗО има право двапати годишно да го смени матичниот лекар, а не мора воопшто да посочи зошто.

– Околу 1.800.000 осигуреници досега избрале матичен лекар, што е нивно право и должност според Законот за здравственото осигурување од 2001 година. Месечно има 77.000 одјави и пријави на матични лекари во подрачните служби на Фондот – од тоа 7.000 се нови осигуреници, а 35.000 пациенти го менуваат лекарот. Ние определивме дека може да се смени по сопствена желба или во ординацијата кај матичниот лекар, а тој може и по службена должност да се смени во подрачните служби на Фондот, каде што осигуреникот потпишува изјава и носи фотокопија за одјава од лекарот и копија од здравствената книшка.

Ако веќе има избрано друг матичен лекар, во еден акт се прави и одјавата на стариот и пријавата на новиот лекар – вели Бранко Аџигогов, портпарол на Фондот.

За 1.800.000 осигуреници се грижат 1.433 матични лекари. Изборот на лекар се врши во местото на живеење и работа, а учениците и студентите може да одберат двајца лекари – таму каде што живеат и во градот каде што учат.

Во Фондот велат дека не навлегуваат во причините зошто некој го менува лекарот.

– Тоа се лични причини и остануваат за нив. Сега немаме евиденција кој пациент сменил најмногу лекари или кој лекар има најголема флуктуација на пациенти. Тој податок ќе го имаме со новиот систем – појаснува Аџигогов.

Лекарот не е желботека

Во Здружението на приватни лекари велат дека и пациентите не се тоа што биле пред 20-ина години.

– Пациентите најчесто ги менуваат лекарите зашто не им ги исполнуваат желбите, најмалку поради евентуални професионални грешки. Пациентите уште од врата ни бараат да им препишеме лекови за нивни роднини, кои немаат сини картони, па бараат антибиотици и кога не се болни или дури и антидепресиви! Се случува да бараат и боледување повеќе отколку што им следува според критериумите што ги пропишува Фондот. Има дури и навреди кон лекарите, што беше незамисливо пред 20-ина години. Тоа се најчестите причини за конфликти со пациентите поради кои тие бараат промена на матичните лекари – вели д-р Лили Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението.

Меѓу причините за менување на лекарот е и масовната преселба од еден во друг град.

Побарал нова оти старата сакала да му направи ЕKГ!

Kога пациент, дојден во ординацијата од друга причина, беше замолен да му се направи бесплатно ЕKГ на срцето, зашто е во ризична возрасна група, тој почна да протестира: „Штом толку инсистирате на прегледот, мора тешки пари да заработувате од тоа! Дајте ми исписница и си одам кај друг лекар!“.

– А тоа беше превентивен преглед, кој спаѓа во целите што треба да ги реализираме, зададени од Фондот за здравство. Пациентот беше во средовечни години, пушач и спаѓаше токму во ризичната група што треба да се прегледа – вели д-р Чолакова Дервишова.

Љубица Балабан

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари