Повторно намалување на цените на лековите
Почитувани,
Продолжуваат заложбите на Владата и на Министерството за здравство за намалување на цените на лековите, како и овозможување на поголема достапност на лековите кои се неопходно потребни за одржување на здравјето, како и за превенирање или лекување на одредени заболувања.
Денеска сакам да информирам дека согласно последните измени на Законот за лекови и донесената методологија за начинот на формирање на цените на лековите, од 15.10.2012 година ќе биде извршено ново намалување на цените кај 346 лекови, од кои 139 се иновативни, а 207 се генерички лекови.
Значи, согласно одредбите на новата методологија, што стапи на сила од 1 февруари годинава, вкупно се намалуваат цените на над ИЛЈАДА И ПЕТСТОТИНИ лека (претходно 1290), што дополнитено ќе придонесе за поголема достапност на лековите до граѓаните, кои имаат можност овие препарати да ги набавуваат по поевтини цени, како и поголема заштеда за здравствениот систем.
За потсетување, максималната цена на лекот на големо ја утврдува Агенцијата, односно Бирото за лекови, двапати годишно – на 15 март и 15 октомври и се објавува на веб страната на Агенцијата: www.reglek.com.mk.
1. Како што најавив, направената анализа од Бирото за лекови покажува дека согласно новата методологија се намалуваат цените на 139 иновативни лекови, од речиси сите мултинационални компании. Процентуалното намалување изнесува од 1 до 60 проценти, односно просечното намалување на цените изнесува 8,6 проценти.
Инаку, вкупната заштеда кај овие иновативни лекови споредено со прометот кои го имале во 2011 година ќе изнесува околу 1.000.000 евра на годишно ниво.
Кај генеричките лекови – цената се намалува кај 207 лека. Инаку, процентуалното намалување кај генеричките лекови се движи од 1 до 70 проценти, или во просек за 15,23 проценти.
– Вкупната заштеда од овие лекови ќе изнесува околу 2.800.000 евра (според прометот на овие лекови во 2011 година).
Станува збор за лекови од речиси сите фармодинамски подрачја. Најголем дел од нив се користат за лекување на кардиоваскуларни заболувања кои се користат масовно. На пример, лекот „Клопидогрел“ кој досега имаше цена околу 1.500,00 денари за 30 таблети, сега ќе чини 996,00 денари, односно заштетата е околу 400.000 евра на годишно ниво, ако земеме во предвид дека годишно се трошат 50.000 кутии од овој лек, кој го користат и најтешки болни лица со прележани инфаркт, стентирани болни и оперирани болни на срцето. Овој лек не е на позитивна листа и заштедата е директно за граѓаните – околу 6.000 пациенти го користат овој лек.
Кај лекот „АТОРВАСТАТИН од 10 мг, кој се користи за покачени масти има намалување на цената од 373,44 на 110,00 денари, односно намалувањето е за 263,44 денари (во просек 70,54 проценти). Исто така, за лекот „Атровастатин“ од 20 мг досегашната цена беше 586,97 денари, а сега се намалува на 174,00 денари, заштедата е 412,97 денари или 70% намалување и овој лек масовно се користи за терапија .
Драстично намалување има и кај лекот „Оланзапин“ од 10 мг. Досегашната цена беше 2.976,87 денари, а новата цена ќе биде 1.120,00 денари, односно заштедата е 1.856,87 денари или во процени 59,35%.
Исто така, кај антибиотикот „Цефтриаксон“ од 2 гр. цената се намалува од 2.059,85 денари на 1.222,41 денар – разликата изнесува 837,44 денари или 40,66%, овој антибиотик масовно се користи во болнички услови.
Регистрирано е намалување и кај антибиотикот Панцеф (таблети) цената се намалува од 1.286,00 на 1.047,00 денари во проценти 18%, со финансиска заштеда од 150.000 евра, на годишно ниво.
Исто така, се намалува и цената на сирупот Панцеф за околу 18% или околу 50.000 евра.
Забележително намалување има и кај лековите, кои се користат за лекување на чир на желудникот. На пример, кај лекот Пантопразол од 40мг. цената се намалува од 534,13 денари на 350,00 денари или намалувањето е 183,13 денари или 34,47%.
Имаме намалување и на лековите за остопероза, како што е лекот Бонефос чија цена се намалува од 9.130,12 денари на 6.842,25 денари или намалувањето е 2.287,00 денари во проценти 25%.
Од особено значење е и намалувањето на цената на поголем број цитостатици, како што е лекот „Темодал“ од 100 мг. каде намалувањето е 14%.
Се намалуваат и цените за хормони, како и лекови за епилепсија, за респираторни заболувања и сл.
Цените се работени транспарентно и очекуваме сите компании во понеделник да аплицираата согласно Методологијата за одобрување на единствените цени.
Станува збор за лекови со соодветни стандарди за квалитет, сигурност и ефикасност и што е најважно ќе се одржи присуството на лекови произведени од реномирани фармацевтски индустрии кај кои со години се евидентира квалитетот на фармацевтските производи од нивната фармацевтска програма.
Сето ова покажува дека оваа реформа која ја спроведуваме во делот на лековите во континуитет успешно се имплементира и таа ќе овозможи сериозна заштеда во здраствениот систем што ќе се почувствува од јавните здравствени установи и од граѓаните кои ги набавуваат лековите во аптеките.
Презентацијата можете да ја превземете на следниот линк:




