За поквалитетно лекување ќе плаќаме плус
СЕ ВОВЕДУВА И ДОПОЛНИТЕЛНО ОСИГУРУВАЊЕ

Пациентите што сакаат да им биде вграден поквалитетен колк, поскапа леќа или да се лекуваат во приватни болници, ќе треба да платат плус за приватно здравствено осигурување во некоја од осигурителните компании, кои наскоро ќе почнат да нудат вакви пакети.
Оние што ќе го одберат вториот модел – дополнителното осигурување – нема да плаќаат партиципација за здравствени услуги. Но, задолжителен услов за некој да ги плаќа и користи новите модели на осигурување е тој да е осигуреник на Фондот за здравство. Ова се новините што ги предвидува Предлог-законот за доброволно здравствено осигурување, кој Владата го усвоила.
Министерот за здравство Никола Тодоров вчера го појасни законот.
– Ако некој сака да добие титаниумски колк или сака леќа различна од таа што е набавена во болницата, ќе треба да си плати и приватно осигурување, зашто тоа се натстандардни услуги што нема да се покриваат со основниот пакет. Што се однесува до дополнителното осигурување, осигурениците ќе можат да го покријат делот за партиципацијата – ако треба за ортопедско помагало да се доплатат 500 денари, нема да ги плати осигуреникот, туку ќе ги плати осигурителната компанија. Значи, дополнителното здравствено осигурување ја покрива само партиципацијата. Ако осигуреникот се реши за приватно здравствено осигурување, ќе му бидат покриени трошоците за повисок стандард на здравствените услуги што произлегуваат од задолжителното здравствено осигурување, како и трошоците за услуги во дополнителна дејност – кога пациентот сам избира кој лекар да го лекува – рече Тодоров.
Тој додаде дека ако осигуреникот купи пакет за приватно здравствено осигурување, ќе може комплетно да се лекува во приватни установи, а за тоа да плати осигурителното друштво.
– Со ваков пакет ќе може да се покриваат трошоци за користење услуги во установи што се надвор од здравствената мрежа во која се врши здравствена дејност и во која Фондот за здравство не ги обезбедува основните здравствени услуги на осигурените. Законот регулира дека друштвото за осигурување ја одредува премијата за приватно осигурување, во согласност со обемот на здравствените услуги и ризиците на кои е изложен осигуреникот, како и од возраста, полот, бонус и малус, табела за смртност, табела на болести и времетраење на склучениот договор – појасни Тодоров, кој не кажа кој ќе биде минималниот износ што ќе треба да се плати за приватно осигурување.
Тој нагласи и дека за да не се случи да има различни услуги со различно ниво на квалитет на материјалите, на пример, Министерството за здравство почна со централните набавки на потрошни и вградувачки материјали, за потребите на пациентите во болниците и на клиниките, а кои се покриваат преку основниот пакет, односно со сините картони.
Сите што сакаат да бидат оперирани со материјали поинакви од набавените, ќе треба да си доплатат за доброволно здравствено осигурување.
Тоа ќе треба да трае најмалку една година. А правата од осигурувањето не можат да се пренесуваат, ниту да се наследуваат.
Љубица Балабан




