Судот на честа во одбрана на суспендираната докторка од поликлиниката Ѓорче Петров
Лекарската комора ги отфрли сите обвинувања за доктор Ксенија Мојсовска.

Нема никаков основ судот на честа да го разгледува случајот во Поликлиниката Ѓорче Петров. Ваков заклучок донеле врз основа на извештаите на комисиите, изјавите на сведоци и личен исказ на инволвираната докторка.
Било констатирано дека 71 годишниот Петар Николов починал од срцев удар на повеќе од 200 метри од дежурната амбуланта, а во тој момент докторката прегледувала пациент кој обилно повраќал.
– Нема основ за поведување постапка пред судот на честа на Лекарската комора, рече д-р Ленче Нелоска, потпретседател на Лекарската комора.
Од здружението на приватни лекари реагираат дека правните служби на Здравствен дом Скопје направиле голем пропуст. Докторката предвреме била обвинета, суспендирана и оцрнета со јавно објавување на нејзиното име и презиме.
-Тој стрес е многу голем. Апелираме на докторката да и биде укината суспензијата и да биде вратена на работа, рече д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на здружението на приватни лекари.
Истото со петиција го бараат и 135 лекари колеги на д-р Мојсовска од Поликлиниката Ѓорче Петров. И тие сметаат дека одлуката за суспендирање е избрзана.
– Мојсовска во средината во кој што работи отсекогаш важи за совесен професионалец целосно посветен на лекарскиот позив исполнувајќи ја професионалната и хуманата димензија која ја бара нашата дејност. Кај нас не постои никакво сомнение дека кај доктор Ксенија Мојсовска не постоела желба да му помогне на пациентот за чија што смрт се товари“, се вели во писменото обраќање на колегите на докторката.
Дали докторката ќе биде вратена на работа или пак ќе биде казнета треба да се изјаснат директорите на Здравствен дом Скопје. Токму тие пред 10 дена ја потпишаа одлуката за времено отстранување на работа на докторката поради покрената постапка за дисциплински престап.
Александар Динев




