Антидепресивите како бонбони

Пораст на психички проблеми кај населението

Забележуваме дека се зголемува бројот на пациентите што имаат психички проблеми и притоа користат антидепресиви, но не по препорака на лекар, туку сами си купуваат „дијазепам“, „лексилиум“ – вели д-р Лили Чолакова-Дервишова

Пациентите често доаѓаат поради други симптоми и се жалат „тешко ми е, ме гуши и пече срцето, имам вртоглавица“, дури пијат и погрешна терапија за друго заболување, а страдаат од депресија, која може да се излекува со правилна и навремена терапија, предупредуваат матичните лекари, во чија надлежност се враќаат откривањето и лекувањето на депресијата, која е во пораст и кај нас.

Според СЗО, меѓу 10 водечки болести, депресијата до 2020 година ќе биде на второ место, веднаш по кардиоваскуларните заболувања. Антидепресивите и сега се меѓу најпродаваните лекови кај нас – нивната употреба е зголемена за дури 300.000 кутии од 2008 до 2010 година!

Брзо темпо на живот и љубовни јадови

Причините некој да западне во депресија, која некогаш завршува и со самоубиство, се различни – од проблеми во семејството, немање работа и финансиски тешкотии, до неможноста да се фати чекор со брзото темпо на живеење. Но некој паѓа во депресија и поради љубовни маки и проблеми со учењето.

Матичните лекари решиле да предложат тие повторно да можат да ја откриваат и лекуваат депресијата, откако увиделе дека се зголемува бројот на самоубиствата во земјава.

– Забележавме дека се зголемува бројот на пациентите што имаат психички проблеми и притоа користат антидепресиви, но не по препорака на лекар, туку сами си купуваат „дијазепам“, „лексилиум“. Алармот се вклучи кога забележавме дека е зголемен и бројот на лицата што извршиле самоубиства, а претходно не побарале лекарска помош за да ги кажат маките. За жал, дури отпосле се дознава дека лицето имало големи проблеми и дома, во семејството, и на работа. Многу од овие трагични состојби би можеле да бидат одбегнати ако пациентите навреме побарале лекарска помош – вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари, кои од следната година рано ќе откриваат и ќе спречуваат депресија и неколку други заболувања.

Таа не посочи за колку е зголемен бројот на самоубиствата годинава, а според статистиката на МВР, во 2010 година имало 150 самоубиства во земјата, а дотогаш нивниот број не бил зголемен.

На прашањето зошто и досега лекарите не ја откривале оваа болест, кога како матични се на првата „борбена“ линија, д-р Чолакова појаснува:

– Да, тоа не ни беше забрането и досега, ако откривањето на таа болест ја имате зацртано како цел, ќе обрнете повеќе внимание. Матичните лекари имаат голем број посети од пациентите, но кога знаеме дека мора да го пополниме и прашалникот за депресија, поинаку е. Добро е што побрзо ќе ги откриваме лицата што треба да ги преупатиме на психијатар, без чие мислење ние не можеме да препишеме антидеперсиви, со кои кај овие пациенти треба да се пополнат рецепторите со допамин. Овие резерви се трошат и од многу стресови, порано имаше фабрики каде што луѓето работеа, а сега се со куп проблеми – од финансиски, социјални, семејни. И помладите пациенти често не можат да го издржат пребрзото темпо на живеење поради „трката“ по пари, пред с`, па посегнуваат по својот живот и без најава. Тоа е, за жал, епилог од тешката депресија во која западнале.

По 300 прегледи месечно

Во Центарот за ментално здравје „Пролет“ имаат по 300 прегледи месечно на лица што се жалат на психички проблеми, а 70 пациенти се во дневната болница.

– Во пораст се и психозите и депресијата. Дали некој ќе заболи, зависи од многу фактори – пред с` генетски, но важен е и социјалниот фактор – нема работа, нема пари… Еве, пред една недела ни се јави на преглед девојка од Турција, која тука студирала шест месеци и веќе заболела од депресија, пред с`, поради оддалеченоста од домот, јазичната бариера, а немала ниту пријатели, па не успеала да се приспособи на околностите. Дојде само еднаш и реши да замине во Турција – вели д-р Виктор Исијановски, психијатар во Центарот.

За психијатар и во овој центар, мора да се има упат од матичен лекар.

Голтаме лекови со и без рецепт

Драстично е зголемен бројот на издадените рецепти за лекови за централниот нервен систем – за лекување мозочни удари, епилепсија и други заболувања. Kај антидепресивите бројот на издадени рецепти е зголемен од 500.000 во 2008 година на речиси 800.000 во 2010 година, според податоците од Фондот за здравство.

Иако за да може аптекарот да ви ги издаде овие лекови, мора да имате лекарски рецепт, тие с` уште се издаваат и без препорака, иако може да има многу штетни нуспојави од неконтролираната употреба на – зависноста од нив, пред с`.

МВР: Нервно растројство причина за самоубиство

Според статистиката на МВР, во 2011 година имало 140 самоубиства или десет помалку отколку во 2010 година, кога 150 граѓани си го одзеле животот. Бројот на самоубиствата се намалува од 2008 година, кога биле регистрирани рекордни 165 самоубиства, а една година подоцна – 162. Најчеста причина за одземање на животот било нервно растројство предизвикано од различни причини и болести. Граѓаните најчесто се одлучуваат да се самоубијат со бесење.

Љубица БАЛАБАН

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари