Испраќаат пациенти во установи што не постојат за услуги што не се прават

Лекарите прават грешки иако на Интернет може да најдат информации и за тоа каде може и треба да го испратат пациентот и каде какви услуги се прават. Овие лекари за неколку месеци ќе треба електронски да им закажуваат прегледи на пациентите кај нивни колеги

Лекарски апсурди

Не само што на погрешен начин ги испратиле болните во Скопје, лекари од источна Македонија ги упатиле во установа што со години не постои за услуга што не се правела таму. Тие прават грешки иако на Интернет може да најдат информации и за тоа каде може и треба да го испратат пациентот и каде какви услуги се прават. Овие лекари за неколку месеци ќе треба електронски да им закажуваат прегледи и упати на пациентите кај нивни колеги.

Во градот во кој живее пациентката што имала проблем со упатите, во источна Македонија, доаѓа специјалист од Клиничка болница еден ден во неделата, кој ги прегледува пациентите. Откако ја прегледал напишал извештај болната да оди на доплер во Скопје и ѝ кажал матичната докторка да ѝ даде упат. Овој принцип матична лекарка да испраќа пациент на клиника во Скопје не функционира веќе половина година. Но пациентката добила упат да направи доплер на долни екстремитети. Во него стои дека треба да оди на Клинички центар-неврофизиологија. Клиничкиот центар, инаку со години не постои, а неврофизиологија е дел од Клиниката за неврологија. Но таму не прават доплер на нозете.

– Бидејќи живеам со Скопје, мајка ми ми ги испрати документите да закажам за доплер. Прашав и ми кажаа дека неврофизиологија е дел од Клиниката за неврологија и појдов таму. Арно ама таму не се прави таква услуга. Ми кажаа дека често им испраќаат пациенти за неа иако треба да ги испраќаат на Клиниката за кардиологија, за кожни болести или на Институт за трансфузиона медицина. Доколку доаѓаше мајка ми да закажува, ќе имаше трошоци од околу 50 евра, а за џабе ќе се измалтретираше – вели синот на пациентката што ни го испрати упатот.

Бранко Аџигогов, портпарол на Фондот за здравство, вели дека начинот на упатување на пациентите е дефиниран за да им олесни.

– Од 2008 година има договорна обврска дека матичните лекари и специјалистите задолжително треба да имаат Интернет и да ги следат промените – вели Аџигогов.

Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари, вели дека матичен лекар може да упати на клиника само пациент што има хронична болест.

– Пациентот во Скопје требало да го упати специјалистот. Мислам дека тие треба добро да го научат начинот на упатување. Инаку матичните немаат време сѐ да проверуваат на Интернет, па може и затоа е направена грешката со установата – вели д-р Чолакова-Дервишова.

Министерот за здравство Никола Тодоров не даде коментар за грешките на лекарите.

Автор: Наташа Бошковска-Златкова

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари