Со матичниот во пензија и ординацијата

АПСУРДИ ВО НОВАТА ЗДРАВСТВЕНА МРЕЖА

Ако матичниот лекар ви заминува во пензија, ќе се „пензионира“ и ординацијата каде што сте се лекувале, и покрај тоа што таму работи уште еден лекар, бидејќи со новата мрежа во јавното здравство тој нема да може да ја наследи концесијата и да прегледува со сини картони! Овој нов „рецепт“ од Министерството за здравство, освен за лекарите, е студен туш и за пациентите, зашто тие што со години се лекувале во таа ординација ќе мора да одберат нов матичен доктор и друга ординација, бидејќи вториот колега веќе нема да може таму да работи.

Kога пред шест месеци се востановуваше мрежата, од Министерството за здравство уверуваа дека постојните ординации нема да се намалуваат и да се затвораат, како и дека ќе се води сметка при отворање нови ординации што ќе добиваат дозволи за работа и ќе може да работат со Фондот за здравство.

Од Здружението на приватни лекари се револтирани.

– Апсурд е вториот лекар да не може да ја наследи концесијата и да не може да продолжи да работи во ординацијата од која првиот лекар заминува во пензија. Голем проблем е и тоа што ни се блокирани и вработувањата на втори лекари. Најнов пример имаме во Охрид, каде шестмина лекари заминуваат во пензија, а медицинските сестри остануваат на улица, зашто не е дозволено во ординациите да се вработат други лекари – ниту специјалисти ниту општи, па, за жал, не може со сестрите да се формираат нови тимови. Иако е во интерес на осигурениците ординацијата да е достапна цел работен ден за тие да бидат побрзо прегледани, сега не можеме да вработиме и втор лекар. Произлегува дека лекар што бил сопственик на приватна здравствена установа не може ниту на роденото дете да му ја остави својата ординација, чиј имиџ бил создаван со години, ниту на друг колега – вели д-р Лили Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари.

Таа прашува како може да не се дозволи вработување втор лекар, кога на тој начин освен на пациентите ~ помага и на државата.

– Не само што со вработувањето лекар се намалува притисокот во Бирото за вработување, туку ќе се плаќаат даноци и придонеси за новиот вработен. Најголем бенефит е што нововработениот лекар не влегува во буџетот на Фондот за здравство, зашто тој ќе се плаќа од постојната капитација и за него нема да се одделуваат посебни средства за плата – вели д-р Чолакова Дервишова.

Таа ги потсетува надлежните во Министерството за здравство дека Здружението на приватните лекари го поддржало востановувањето на новата мрежа на ЈЗУ, како европски стандард, а сега се соочува со незамисливи административни бариери. Веќе разговарале со министерот за здравство Никола Тодоров, но бараат средба и со премиерот Никола Груевски и со другите надлежни во здравството.

– Наша заедничка стратегиска цел треба да е задржување на лекарите во земјава, а не нивно бркање со тоа што нема да им се даде шанса да се вработат. Владата и ресорното министерство ги сметаме за партнери и очекуваме, како што ние ги поддржавме мерките на Владата, и тие несебично да вратат и да ни излезат во пресрет на барањата, што е во интерес на пациентите и на лекарите – додава д-р Чолакова Дервишова.

На прашањето зошто не дозволуваат вработување на втор лекар во ординација или оној што останува по пензионирање на колегата да може да продолжи да работи со сини картони во истата ординација, од Министерството за здравство само кусо одговорија: „Заради рамномерна распределба“.

Од Фондот за здравство, пак, велат дека постапуваат во согласност со мрежата.

– Kога ќе добиеме согласност од Министерството за здравство дека некоја ординација може да склучи договор за работа со нас, веднаш постапуваме по решението и склучуваме договор. Веќе има една ординација чиј цел лекарски тим се има преселено во друга ординација, но која не може да работи со Фондот, затоа што се чека решение од Министерството за здравство. Ова е засега еден случај каде што заради пензионирање на лекарот, вториот тим се одјавил од ординацијата, а с` уште не работи во друга – велат од Фондот.

Востановување на мрежата во јавното здравство е според Законот за здравствената заштита.

Љубица Балабан

Извор

Коментари2 коментари

 

  1. jovanka.kostovska напиша:

    Дали во ординација каде двајца лекари се основачи, со пензионирањето на едниот лекар, се “затвара“ ординацијата? Што со другиот лекар, ако е тој помлад и има уште доста до пензија?

  2. D-r Igor напиша:

    По оваа логика на нашево министерство и влада, треба да се постапи и со другите приватни бизниси во другите ресори, значи штом основачот оствари право на пензија-фирмата да му се затвори!!! Не смее синови и внуци да неследуваат веќе разработени бизниси – заради „рамноправна распореденост„ на заработката !!!
    Затоа што вака повторно само нашата струка ќе остане обесправена и третирана како експериментално заморче.
    Да потсетиме само дека концесии на ловишта, рудници, плажи и други природни богатства може да се даваат на користење на 10,20,30 години….само ние кутрите мораме да потпишуваме договор секој година, со постојани измени на условите и без никаква сигурност за иднината !!!
    Со вакви услови се повеке млади ке заминуваат во странство…ќе купуваат странски пасоши и државјанства, за потоа, во не толку далечна иднина да се оствари идејата на еден бивш министер за увоз на кадри од странство затоа што нашите ќе бидат заминати….само не знам кој и од која помизерна земја би се нафатил да работи во нашиве услови???
    Затоа, да се надеваме дека свеста на одговорните во сите овие промени ке проработи и ќе ја сватат важноста на здравствената дејност воопшто и соодветно на тоа ќе ја валоризираат и ценат нашата струка која е есенцијална за секое општество.
    Поздрав,
    Д-р Игор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари