Потребни се месеци за да вработиш нов матичен доктор
Ако еден матичен лекар има премногу пациенти, па сопственикот на ординација сака да вработи друг за тие да одлучат дали сакаат да прејдат кај него и да се лекуваат во истата ординација, тоа сега ќе трае предолго. Матични лекари со премногу пациенти не можат да им обрнат доволно вимание

Сопствениците на амбуланти не може да вработат уште еден матичен лекар ако тој што веќе работи кај нив има премногу пациенти, зашто се потребни месеци за да добијат дозвола новиот лекар да може да работи со сини картони, се пожали Здружението на приватни лекари. Оттаму велат дека ординациите не може да се прошируваат, откако беше донесена одлука за новата здравствена мрежа, која ги опфати сите што даваат услуги на државна сметка. Од Министерство за здравство велат дека новините биле така донесени за да се контролира бројот на лекари на територијата на која работат, за рамномерно да бидат распределени.
Ако матичен лекар има премногу пациенти, па сопственикот на ординација сака да вработи друг за пациентите да одлучат дали сакаат да прејдат кај него и да се лекуваат во истата ординација, таа процедура ќе трае долго. Од здружението велат дека матични лекари со премногу пациенти не можат да им обрнат доволно внимание на сите.
Исто така, млада матична лекарка од Куманово ќе остане без работа, зашто нејзинаат постара колешка, која е сопственичка на концесијата (што значи можност ординацијата да работи со сини картони) ќе се пензионира и не може да ѝ ја предаде. Пациентите што ги водела помладата лекарка сега треба да бараат нов матичен доктор. Таа нема да може ниту да добие нова дозвола за да работи со сини картони сѐ додека Министерство за здравство не заклучи дека во Куманово има потреба да распише нова концесија
Д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на здружението, објаснува дека сопственикот што сака да ја прошири ординацијата со уште еден матичен лекар прво поднесува барање до Министерство за здравство за да дозволи новиот доктор да добие факсимил со кој ќе работи со сини картони. Потоа вели, Министерството бара одобрување од Владата, па откако ќе одговори го прашува и Фондот за здравство, процедура што е предолга.
– Ние дадовме поддршка за креирање на новата мрежа. Но не очекувавме дека ќе се искомплицира вработувањето нов лекар. Апелираме уште еднаш Министерство за здравство да ја преиспита оваа процедура за кај општите лекари – рече Чолакова-Дервишова.
Таа вели дека доколку се вработи нов лекар, никој нема да изгуби, туку ќе има добивки за многумина.
– Фондот ќе ѝ ја исплатува истата сума на ординацијата зашто бројот на пациенти нема да се смени, само тие ќе одат кај двајца лекари. Во исто време ќе има подобра услуга за осигурениците, пациентите ќе може да си ги најдат лекарите во две смени, а и добиваме и плус уште еден вработен. Го молиме Министерството уште еднаш да размисли за постапките и чекорите за вработување нов лекар во постојните ординации – додава нашата соговорничка.
Од Министерство за здравство објаснуваат дека матичните лекари за да вработат нов доктор во ординацијата е потребно да добијат концесија од Министерство за здравство за уште еден доктор, без оглед што веќе имаат концесија за постојниот доктор.
– Ова е така бидејќи, според мрежата на здравствените установи, и кај матичните лекари е предвидена територијална распределеност со број на тимови, и тоа актуелен број и максимален број. На овој начин ќе се контролира бројот на доктори според територијата на која работат за да се постигне во државата рамномерна распределеност на докторите според потребите на населението – објаснуваат од Министерство за здравство.
Автор: Наташа Бошковска-Златкова Фотографија: Игор Бансколие




