Докторите се осигуруваат за лекарска грешка
Некои од директорите се жалат дека околу установите постојано се моткаат адвокати што работат на процент и ги мотивираат пациентите да тужат. Поради тоа, но и поради обврската од новиот закон за здравствена заштита, здравствените установи сѐ поактивно почнуваат да плаќаат осигурување од лекарска грешка. Така, ако загубат на суд, штетата на пациентот или дел од неа ќе плати осигурителна компанија

Фрчат тужби од болните
Здравствениот картон на пациент со психички проблеми, матичната лекарка го дала на сестра му, иако не побарала дозвола за тоа од него, па тој правдата си ја барал на суд. Општа докторка добила тужба зашто не открила гинеколошки проблем кај пациентка, а болен тужел затоа што не му се допаднал оперираниот нос и сметал дека добил алергија од конците за шиење.
Незадоволните или збунети пациенти и нивните семејства, за разлика од порано, сега многу побрзо и полесно одлучуваат да ги тужат лекарите или установите во кои се лекувале. Некои од директорите се жалат дека околу установите постојано се моткаат адвокати кои работат на процент и ги мотивираат пациентите да тужат. Поради тоа, но и поради обврската од новиот Закон за здравствена заштита, здравствените установи сѐ поактивно почнуваат да плаќаат осигурување од лекарска грешка. Така, ако изгубат на суд, штетата на пациентот или дел од неа, ќе ја плати осигурителна компанија.
Демнат адвокатите
За да ги чини поевтино, д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари, вели дека заеднички, преку здружението, бараат понуди за осигурување од професионална одговорност.
– Веќе имаме некои понуди, од околу 100 евра годишно, но сакаме заеднички да настапиме и така да не чини поевтино. Колеги реагираа дека ова ни се дополнителни давачки, но мислам дека треба да ја гледаме позитивната страна – вели таа.
Бројот на тужби од пациенти почна да се зголемува кога пред неколку години беше донесен Законот за заштита на правата на пациентите.
– Неретко адвокати ги подучуваат пациентите да тужат. Имаме случај кога колега го дал картонот на роднина на пациент без да го праша, па сега тој бара отштета од 1.500 евра. Верувајте стресот е преголем и кога знаете дека сте во право. Јас лично имав случај кога половина година се малтретирав по судови, иако немав грешка. Кај нас недостига и закон за заштита на правата на лекарите. На пример, има случај кога општа лекарка е тужена зашто не открила гинеколошки проблем. Таа наместо да шета по институции треба да биде заштитена – додава Чолакова-Дервишова.
Различни установи одлучиле во различни периоди да се осигурат. И додека некои велат дека имаат пари за тоа, други се жалат на малите буџети.
Прим.д-р Михаил Пенев, в.д. директор на Клиниката за урологија, вели дека барале понуди за осигурување, но уште не ги разгледувале.
– Сега имаме пари, солиден ни е буџетот. Но не знаеме колку ќе чини осигурувањето – вели Пенев.
Доц.д-р Смиља Туџарова, директорка на Клиниката за пластична хирургија, пак, вели дека осигурувањето го одложиле за ноември.
– Не знаеме колку ќе чини и како ќе обезбедиме пари – вели таа.
Тужби за операци и на очи и на уво, нос и грло
Скопската градска болница „8 Септември“ обврската да го осигури персоналот заради лекарска грешка ја завршила пред неколку месеци.
– Имаме вакво осигурување за 80 вработени медицински персонал. Нѐ чини околу 20.000 евра годишно, со тоа што имаме договор компанијата да исплати до 100.000 евра или за 10 несакани случувања до 10.000 евра. Досега сме немале тужби, меѓутоа мислам дека ќе има со оглед на тоа што адвокати „јурат“ на сите страни. Најголем ризик, кога станува збор за тужби, има кај пластичната хирургија, на уво, нос и грло, кај очната хирургија – вели проф. д-р Сашо Стојчев, директор на оваа установа.
Некои од приватните болници велат дека одамна се осигурени од медицинска грешка.
– Веќе три-четири години се осигуруваме. Досега немаме тужби од пациенти – вели проф.д-р Андреја Арсовски, стручен директор на првата приватна општа болница „Ре-Медика“.
Што може да се осигури и колку чини
Александра Наќева-Ружин, извршен директор на „Еуролинк осигурување“ вели дека установите се интересираат за осигурување поради лекарска грешка.
– Осигурувањето лекарска грешка „Еуролинк осигурување“ прва во Македонија го понуди пред неколку години. Премијата за осигурување две медицински лица на минимална сума на осигурување се движи од околу 60 евра годишно за установа за општа медицина, односно околу 90 евра за специјалистичка ординација, па до околу 900 евра за годишно осигурување 20 медицински лица на максимална сума на осигурување во болница или клиника. Осигурувањето на повеќе медицински работници, надвор од стандардно понудените пакети, би било со повисока премија за осигурување – вели нашата соговорничка.
Горан Михајловски од „Винер осигурување“ објаснува дека осигурувањето од професионална одговорност на здравствени работници ги покрива штетите настанати поради пропусти и грешки при извршување на професионалната професија, што може да имаат катастрофални последици на околината во која осигуреникот работи (смрт, повреда на телото или нарушување на здравјето на трети лица).
– Со ова осигурување осигуреникот обезбедува заштита во случај на граѓанска парница што е поведена од страна на клиент (трето лице), поради професионална грешка или материјална штета предизвикана во текот на извршувањето на професијата, односно вршењето на здравствената дејност. Исто така, осигурена е и одговорноста на здравствениот работник од поседување и употреба на медицински апарати. Интересот на установите е драстично зголемен и ние речиси секојдневно имаме контакти со здравствените работници и установи што се заинтересирани да склучат ваков тип осигурување – вели Михајловски.
Тој објаснува дека цената на осигурувањето варира во зависност од типот на установата и на дејноста, бројот на здравствените работници и висината на осигурителното покритие.
– Една ординација за примарна здравствена заштита со двајца вработени може да се осигури за цена до 6.000 денари, додека специјалистичка ординација со тројца вработени би можела да се осигури за цена до 7.500 денари. За поголеми установи, со повеќе вработени и дејности, тоа би било поскапо – додава Михајловски.
Извор: Нова Македонија
Коментари (1)





Колеги, кога ги очекуваме целите, имате ли сознанија?