Премалку се 1.000 жители на матичен лекар

Премалку е на 1.000 жители да има еден матичен лекар и медицинска сестра, што се предлага со новата здравствена мрежа, со што новите ординации би биле во подредена положба, бидејќи сега еден концесионер (матичен лекар) има просечно по 1.700 пациенти, реагираат од Здружението на приватни лекари откако завчера беше обелоденета мрежата и критериумите за отварање новите ординации.

Од Здружението велат дека има и нереални бројки на ординации и лекарски тимови за Велес.

– Ние го разгледавме предлогот и сметаме дека бројката од 1.000 жители е премала, бидејќи, според договорите со Фондот за здравство, сега има по околу 1.700 пациенти за еден лекарски тим. Очекуваме сугестиите да бидат уважени од Министерството за здравство, зашто целта е да го задржиме квалитетот на услугите. Не треба да има намалување, туку зголемување на бројот на пациентите и на услуги во примарното здравство. Второ, во мрежата пишува дека во Велес има 36 лекарски тима, но не е така зашто има 36 приватни здравствени установи, а вкупно 55 тима. Мора да се внимава податоците да се темелно обработени и секој град да испрати реални податоци и да се направи рационално распределување, а во ниеден момент да не се загрозат постојните ординации – порачува д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението.

Од Министерството за здравство велат дека има простор за корекции на предлог-мрежата.

– Ова се првични податоци. Kаде што забелешките се оправдани, ќе бидат уважени. А 1.000 жители за еден матичен лекар не е максимална бројка, туку лекарот ќе може да има и повеќе пациенти – појаснуваат од Министерството.

Мрежата, која завчера ја промовира министерот за здравство, Никола Тодоров, покажа дека сега има нерамномерна распределба на лекарските ординации во земјава. На пример, Прилеп според бројот на населението има 30-ина матични лекари повеќе, а Битола 30-ина помалку отколку што пропишува мрежата.

Според надлежните, дали ќе му биде доделена концесија на некој лекар или фармацевт, најмногу ќе зависи од бројот на жителите на некое подрачје, но и од други критериуми. На пример, во иднина, еден матичен лекар или стоматолог ќе може да отвори нова ординација на 1.000 жители, а за гинеколог критериумот е 3.000. За биохемиска лабораторија во примарно здравство нормативот е 18.000 жители, а за аптека 3.000. Нови ординации ќе може да се отвараат и ако се над максималниот број според „рецептот“ од мрежата, но тие нема да може да лекуваат со сини картони.

Во секундарната здравствена заштита, доктор-интернист треба да има на 8.000 жители, хирург на 15.000 жители, а на 40.000 жители треба да има по еден уролог, невролог или кожен лекар.

– Новата мрежа ќе значи дека за некоја установа, дејност или услуга да стане дел од јавно-финансираното здравство, ќе треба да добие концесија за вршење дејност. Сите што до денес имаат потпишан договор со Фондот, продолжуваат да функционираат во мрежата. Оглас за доделување концесија ќе може да биде распишан само за местата каде што максималниот број е поголем од актуелниот. Таму кадешто актуелниот број е поголем од максималниот, нема да се прави кратење, раскинување договори и слично, туку нема да се распишуваат огласи за нови концесии додека актуелниот број не падне под максималниот, преку пензионирање и слично. Огласот може да се распише на ниво на општина, регион или држава, во зависност од потребите и анализите, кои по потреба ќе се прават – изјави министерот Тодоров.

Огласите за доделување концесија ги распишува Министерството за здравство, кое треба да ја информира Владата и да побара од Фондот доказ за обезбедени средства. Но, Владата може и да го задолжи Фондот да направи интерна прераспределба на буџетот за да се обезбедат средства за доделување нова концесија.

Главна новина е што нема да може кој каде сака да добие решение за отварање нови ординации, аптеки и лаборатории, кои ќе работат со Фондот за здравство. Тоа ќе може да го реализира само ако од Министерството за здравство добие концесија за вршење дејност во мрежа.

Љубица Балабан

Извор

Коментари2 коментари

 

  1. D-r Igor напиша:

    reakcijata na LKM bi trebalo da se stavi na prvata strana na ZPLRM, da moze sto poveke luge da ja procitaat…iako e povtorno mnogu umerena, gi sodrzi site klucni tocki po koi treba da se reagira

  2. Mito напиша:

    Мислам дека со самиот предлог за 1.000 пациенти на еден матичен доктор ,индиректно се остава простор и можност да се побара зголемување на капитациониот бод ,затоа што на нас барем ни е познато дека со 1000 жители,со оваа цена на капитациониот бод и со овие договори од Фондот за Здравство,не би можела да работи рентабилно една ординација.Или пак да се побара измена во договорите како кај гинеколозите за зголемување на бројот на бодови од 2500 на 3500 за ограничување на плаќњето?
    Еве и ја официјалната реакција од Лекарската Комора:
    http://www.lkm.org.mk/novost.asp?id=269
    Со почит

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари