Министерството ќе ја крои судбината на матичните лекари

Во мрежата ќе влезат сите кои имаат договор со Фондот, а каде и за кои дејности ќе се проширува концесии ќе дели Владата
Јасмина Јовановска
Владата ќе ја крои здравствената мрежа, а Министерството за здравство судбината на ординации по општа медицина. Ова е првиот впечаток што го добиле лекарите откако Министерството за здравство ја презентираше новата здравствена мрежа и под кои услови ќе може лекарите и болниците да влезат во неа, што ќе значи и работа со сини картони. За почеток, во мрежата ќе влезат сите ординации, болници и клиники кои имаат договор со Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), а каде и за кои дејности ќе се проширува мрежата ќе одлучува Владата. Таа ќе доделува концесии и во места каде што Министерството за здравство утврдило дека има максимален број лекари, како и за дејности за кои нема дефинирано услов. И матичните лекари ќе влезат во мрежата, но Министерството за здравство ќе одлучува каде ќе работат тие, за да нема места без избран лекар, а во некои да ги има повеќе отколку што треба.
Матичните лекари се чудат од каде е извадена бројката еден лекар да се грижи за 1.000 пациенти. Тие не се согласуваат со стандардот што го предлага Министерството за здравство, затоа што со таквата бројка и актуелната месечна капитација која ја добиваат од Фондот, лекарите сметаат дека ќе банкротираат и ќе мора да ги затворат ординациите.
„И со актуелниот просек од 1.700 пациенти по лекар, една ординација едвај опстојува. Посебно оние лекари во Скопје, каде што за кирија и за режиски трошоци издвојуваат и до 27.000 денари. Затоа, од Министерството за здравство ќе побараме како дошле до оваа бројка, од која земја е преземен овој критериум и каков е таму системот. На пример има земји каде што кај матичните лекари нема давање на инјекции“, вели претседателот на здружението на приватни лекари, Лиле Чолакова-Дервишева, која се надева дека се’ уште има простор за преговарање и дека овој стандард не е дефинитивен.
Стоматолозите, иако укажуваат дека нивните ординации со сегашната капитација едвај преживуваат, сепак се согласуваат дека бројката од 1.000 пациенти е реална. „Критериумот е добар бидејќи во мрежата ќе може да влезат што повеќе матични стоматолози. Ако се зголеми условот, тогаш една третина од актуелните матични стоматолози кои веќе имаат договор со Фондот ќе треба да отпаднат од мрежата. Но, и натаму останува проблемот со финансиите. Со сегашната капитација би земале 35.000 денари со што не се покриваат ни режиските трошоци. Стоматологот ќе треба да заработи уште толку за да извади за плата за него и за сестрата, а тоа е тешко. Затоа повеќето ординации само преживуваат“, објаснува д-р Горги Тодоровски, претседател на Здружението на стоматолози концесионери.
Од Фондот за здравствено осигурување засега немаат никаков коментар на предлог-критериумите за бројот на пациенти кај матичните лекари. „Забелешките може да се достават до 25 овој месец“, беше краткото објаснување од Фондот, кој иако првично, како што дознаваме требаше да учествува во креирање на здравствената мрежа, од непознати причини беше изземен. Од Министерството за здравство не одговорија дали Владата е таа која ќе го одредува проширувањето на здравствената мрежа. За бројката од 1.000 жители кај еден матичен лекар, од Министерството велат дека тоа не е максимална бројка. За другите забелешки, од таму велат дека сите може да се произнесат до крајот на неделава. Предлог-мрежата е дадена до сите релевантни здруженија, комори, факултетите и фондот.
Пациентите незадоволни од односот на медицинските сестри
Пациентите се жалат дека многу често шалтерските работници во јавните здравствени установи и медицинските сестри, како и болничарите се однесуваат арогантно кон нив. Ова се резултатите од најновото истражување на „Хелтгрупер“ во кое биле вклучени повеќе од 500 пациенти. Тие посебно реагираат на лошиот однос на средниот медицински персонал за време на викендите и во попладневните часови, а се жалат и на влегување преку ред. Искуствата на пациентите од кампањата „Помогни да биде подобро“ укажуваат дека токму болничарите и медицинските сестри се тие кои престојот во болниците можат да го направат поднослив и достоинствен. Кон пациентите во јавните здравствени установи треба да се пристапува како кон клиенти, идентично како што тоа го прават приватните здравствени установи. Оваа промена е неопходна со цел да се подигне нивото на здравствена заштита и квалитетот во лекувањето во државното здравство. (Ј.Ј.)
Каде има најмалку лекари
Во Битола, Куманово недостасуваат по најмалку 30 матични лекари. Во Жупа и Дебарца нема ниту еден, додека во Прилеп има вишок, според критериумот што го предлага Министерството. Нема доволно ни интернисти во вардарскиот и североисточниот регион на земјава, додека во југозападниот интернистите се прекубројни, ако нормативот е 8.000 жители на еден лекар. Во сите три региони недостасуваат гинеколози, а има 13 општини каде што нема ниту еден гинеколог. Во сите региони, исто така, недостасуваат матични стоматолози, единствено во Прилеп има вишок.
Од целиот систем нема недостиг од аптеки. Во сите три региони аптеките се прекубројни, но затоа има општини каде што нема ниту една аптека, како Могила, или Неготино кое има една, а треба да има шест ако се мери по стандардот на Министерството, според кој една аптека треба да има на 3.000 жители. (Ј.Ј.)




