БАРАЊЕ ЗА ИНТЕГРАЦИЈА НА ПОСТОЕЧКИТЕ СОФТВЕРСКИ РЕШЕНИЈА ВО ПЗУ СО ИЗИС
ПРОБЛЕМАТИЧНИ ДЕЛОВИ ВО ПРЕДЛОЖЕНОТО РЕШЕНИЕ
• Интернет инфраструктура
За воведување на предложеното WEB решение потребна е добра интернет инфраструктура во земјата со многу висок степен на квалитет на врските.
Доколку има испади во интернет конекциите кај ординациите, системот практично ќе биде оневозможен да функционира во истите, што практично би создало дисфункционалност на самите ординации.
За намалување на бројот на испади лекарите ќе бидат принудени да набават поквалитетен интернет пакет, кој во принцип е многу поскап од нормалните интернет пакети, а нема да обезбедат 100% сигурни врски.Во моментот пилот ординациите можат да прегледаат само по 25 пациенти,а ние имаме и по 90 прегледи во ден.Ние не сакаме дополнителни конфликти со незадоволни пациенти.Замислете како ќе биде за време на грип.
Поквалитетните врски значат: Поголеми трошоци за ПЗУ.
• Архива на прегледи
Сите установи од примарната здравствена заштита и во специјалистичките амбуланти веќе поседуваат информациони системи, во кои имаат архивирано и по 15 до 19 години податоци за досијеата на пациентите.
Со воведување на новиот систем како веб апликација, тие податоци не е предвидено да се интегрираат во новото решение.
Ова во принцип значи губење скапоцено време на лекарите при одредувањето на дијагноза на пациентите.
Губењето на време значи: намалување на квалитет на лечење, намалување на број на опслужени пациенти, незадоволни пациенти, намалени приходи за лекарите.
• Имплементација на новото решение
За имплементеција на новото решение потребно е да се потроши време за едукација на лекарите за користење на новата апликација.
Потребен е дополнителен период на прилагодување за правилно користење на новиот софтвер.
Имплементацијата значи непотребно губење на време на лекарите и медицинските сестри.
Дополнителното изгубено време значи дополнителен трошок за сите ПЗУ.
• Монополско решение и одржување
Од поранешното долгогодишно искуство со одржување на софтверско решение изработено од ФЗОМ, институцијата штедејќи на човечки ресурси со години наназад не ни удоволи на нашите барања за централна база на пациенти , која е многу важна за матичните доктори.
• Нерамноправен третман
Ние сме ставени во нерамноправен третман во однос на останатите здравствени установи, кои имаат право да ги задржат своите сопствени Информатички решенија и треба само да ги прилагодат за комуникација со датацентарот на ИЗИС.Интерфејс.
За остнатите ЗУ (болници, клиники, институти, аптеки, лаборатории, …) е овозможено уште во самото проектирање на ИЗИС (при проектирањето не бевме консултирани), предвидено е да постојат два начина на поврзување со ИЗИС: со користење на веб апликации развиени во ИЗИС или со прилагодување на сопствените софтверски решенија и информациони системи за комуницирање и размена на податоцисо ИЗИС преку предефинирани протоколи.
Со други зборови, одземено ни е правото за избор на софтверско решение и ни е наметната само веб апликација како можност за работа со ИЗИС.
ПРОБЛЕМАТИЧЕН НАЧИН НА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА И ПРИФАЌАЊЕ
• Начин на имплементација и прифаќање
Ставени сме во ситуација ние да го тестираме новото решение и да губиме непотребно дополнително време.
Требаше прво да бидеме прашани барем за сугестии како да функционира нашиот дел од софтверот не навлегувајќи во комуникациите со ИЗИС и информациите кои се потребни за ИЗИС.
Изготвувачите на решението пред да инсталира нова верзија истата добро да ја истестира за да не губиме време во откривање на програмски или логички грешки во новото решение.
Барањата од страна на тест локациите треба да се земат во обзир и истите да се имплементираат во новото решение.
Изготвувачот на решението треба да обезбеди работење на локациите без грешки во период од 30 дена.
После периодот од 30 дена без грешки решението треба да се презентира пред комисијата од ИЗИС и да се остави период од 30 дена за Лекарската комора да донесе одлука за прифатливост на решението.
После овој период, ако лекарската комора го одобри новото софтверско решение, треба да се пристапи кон негово прифаќање од страна на комисијата на ИЗИС.
• Предуслови за прифаќање
Со мислење сме дека прифаќањето не е можно без следните припреми:
Реализирана и потполно функционална комуникација помеѓу ИЗИС датацентар и ФЗОМ
Реализирана и потполно функционална комуникација помеѓу ИЗИС датацентар и Агенција за лекови
Обезбедено функционирање на новото софтверско решение во склоп со здравствената електронска картичка со оперативни системи WINDOWS и LINUX.
ПРЕДЛОГ МЕРКИ ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА ПРОБЛЕМИТЕ
Предлагаме мерки за избегнување на појавените негативности и проблеми со имплементацијата на предложеното ВЕБ решение, а имплементацијата на истото може да ја забави и оневозможи целокупната имплементација на ИЗИС.Ние како доктори даваме максимална подршка на проектот и сакаме да профункционира електронска картица што побрзо,но мора да се внимава да докторите немаат дополнителен притисок,да се намали дуплата евиденција и да се остави да имаме време за нашите пациенти.
ПРЕДЛОГ МЕРКИ:
Да се овозможи сите ПЗУ од општата и специјалистичката пракса кои имаат свои софтверски решенија да ги задржат истите преку дефинирање и реализација на соодветни протоколи и ВЕБ сервиси кои ќе овозможат постоечките софтвери за амбулантско работење со неопходната модификација да можат да комуницираат и да разменуваат информации со ИЗИС.
Да се остави можност секоја ПЗУ да одлучи дали ќе го користат веб решението од ИЗИС или ќе го прилагодат сопственото постоечко софтверско решение за комуникација и размена на податоци со ИЗИС, со тоа што ќе се реализира дополнителен начин за размена на податоците помеѓу ИЗИС и ПЗУ преку Веб сервиси.
Да се побара мислење од стручни лица од Министерството за Информатика за утврдување на објективноста на нашето барање и спроведување на барањето.
ПРИДОБИВКИ:
• Ние ќе имаме можност да работиме со софтверското решение и во случај да ја изгубиме привремено интернет конекцијата, установата ќе продолжи да ги регистрира податоците за пациентите, ќе има достап до нивното досие, а по воспоставувањето на конекцијата, софтверот автоматски ќе направи синхронизација на податоците со ИЗИС (истата можност што им е овозможена на болниците и останатите ЈЗУ)
• Скратување на периодот за имплементација на целиот проект за времето потребно за обука на лекарите и останатите здравствени работници од установите кои ќе продолжат да работат со нивните постоечки информациони системи.
Во консултации со нашите испорачатели на софтверски решенија и одржување на истите, имаме информации дека сите се согласни да ги адаптираат своите софтверски решенија за интеграција со ИЗИС во рок од 30 до 60 дена, доколку им се овозможат интерфејс и протоколи за комуникација].
• Нема да ни се одземе правото на избор со кое софтверско решение ќе работиме, а со тоа ќе се избегне монополизацијата на пазарот за софтвер за ПЗУ.
• Ќе ни се обезбедат услови за здрава конкуренција на пазарот на софтвер за амбуланти, бидејќи компаниите кои изработуваат амбулантски софтвер ќе бидат принудени поради меѓусебната конкуренција да продолжат со развојот и подигнувањето на квалитетот на овие апликации, од што пак директен бенефит би имале самите здравствени установи, корисници на овој софтвер.
• Со овој начин на имплементација бенефит ќе има и Министерството за здравство бидејќи ќе ги намали трошоците за имплементација и едукација за новото решение и во иднина ќе троши многу помали средства за надградба и одржување на истото.
Целосно стоиме зад објективноста на овие наши барања и заклучоци и сметаме дека со нивна реализација придобивките ќе бидат во корист на сите инволвирани страни, што ќе придонесе за успешна и побрза имплементација на проектот и долгогодишно ползување на бенефитите од него.
Др Лилија Чолакова Дервишова
Претставник од Лекарска Комора во ИЗИС и ГП
Коментари2 коментари










Mislam deka dosta vnimatelno go procitav izlaganjeto na pretsedatelkata za ovaa tema i vo celost gi podrzuvam predlozite dadeni od nejzina strana.Onaa sto e predlozeno od strana na Fondot za implementacija na IZIS ako se realizira kako sto e planirano bi bila vistinska katastrofa za nasite ordinacii
se postavuva prasanje dali navistina dosega fondot so svojata kontrola se grizel za tocna elektronska evidencija ili toa bilo samo maska,ako veke cvrsto odlucile da ne mozeme da gi koristime postoeckite softveri so koi dosega rabotime barem da ni ovozmozat prevzemanje na postoeckite bazi od niv,/nasiot internet citaj nervonet/ ke ni otkazi ako mora se nanovo da se vnesuva vo noviot softver.moze li nekoj da mi objasni ako ova ne e taka kako li ke e???