Повеќе не треба конзилијарен наод од тројца специјалисти за туѓа нега
Би сакала да Ве известам дека конзилијарното мислење со потпис од тројца специјалисти се применувало пред неколку години, како дополнителен „филтер“ и помош во период кога бројот на поднесени барања во одреден момент надминувал 10.000.
Во членот 3 од Правилникот за начинот, постапката и потребната документација за остварување право на надоместок заради потреба од помош и нега од друго лице, се наведени задолжителните документи за поднесување барање до центрите за социјална заштита:
- барање за остварување право;
- важечка лична карта (само на увид за докажување на идентитетот и државјанството);
- мислење од матичен лекар со пресметан Бартелов индекс;
- отпусно писмо, специјалистички извештај и/или друга медицинска документација;
- копија од трансакциска сметка и
- наод, оцена и мислење од стручната комисија за потребата од помош и нега од друго лице.
Досега постоеше можност документот од стручната комисија да се достави дополнително, при што исплатата, во случај на позитивна одлука, можеше да се врши и ретроактивно.
Во таа насока, Ве замолувам оваа порака да биде дистрибуирана до матичните лекари, со јасно потенцирање дека нема потреба од доставување конзилијарно мислење со потпис од тројца специјалисти — документ со кој дополнително се оптоваруваат пациентите и системот, односно се создава непотребна административна процедура.
Воедно, сакам да Ве информирам дека порака за доследна примена на Правилникот е веќе доставена до јавните здравствени установи кои работат со оваа проблематика, како и до сите 72 членови на комисиите.
Дополнително, се подготвува официјално известување од Министерството за здравство, како и разгледување на можноста за организирање прес-конференција на оваа тема, со цел пошироко информирање на јавноста.
Со почит,
Видете го правилникот и ве молиме да го почитувате




