Спонзорите на преглед
ЕДИТОРИЈАЛ

Љубица Балабан
„Бранот“ со кој министерот Тодоров речиси секојдневно предизвикува помали или поголеми потреси во јавното здравство, овој пат се однесува на спонзорствата и донациите за лекарите.
Тие само ја делат судбината на јавниот здравствен систем, кој одамна ќе се удавеше да не се донациите и спонзорства и тоа од креветски чаршафи, инфузиомати, градни протези, до скапи и софистицирани, но и половни апарати, кои сепак се во функција на пациентите. И треба да ги има уште повеќе зашто има фирми што може да бидат донатори.
А што е со докторите? Од буџетите на болниците, кои мака мачат како да ги платат лековите и сметките за вода и за струја, ним не може да им се плати ниту котизација, а камоли патот и сместувањето. Спонзорствата од фармацевтските компании изминативе 20-ина години се, за жал, единствениот начин некој лекар да замине на конгрес, симпозиум и слично.
Нив отсега ќе ги одобрува Министерството за здравство, додуша само формално зашто одбиени не смее да има. И тука еснафот вели дека е добро да се има евиденција на спонзорствата и донациите, но тие да не се одземаат од едни за да се даваат на други доктори и да нема рестрикции.
Од друга страна, на пациентите не смее да им се остави ниту ронка сомнеж дали препорачаниот лек е заради ефикасноста или заради спонзорството за некој конгрес. Новите знаења што лекарите ги стекнуваат на стручните собири благодарение на некоја фармацевтска компанија, не смеат да се „освежуваат“ со заблагодарување на поинаков начин – преку форсирање некој препарат. Довербата што пациентите с` уште ја имаат во јавното здравство сведочи и за довербата во професионалноста на најголемиот дел од здравствениот кадар, која не смее да се разниша. Факт е дека никој не сака да го лекува лекар што не ги знае најновите светски медицински сознанија, но притоа да не биде злоупотребен и да го „отплаќа“ спонзорството.
Новата обврска е дека мора да се откриваат спонзорите, но имињата на лекарите нема да се објавуваат, туку само сумите и бројот посетени семинари.
Но, кој ќе оценува дали лекот бил (не)оправдано препорачан на пациентот и на колку ќе смее да им биде советуван за терапија, за лекарот да не стане сомнителен дека тоа го прави зашто е врбуван од спонзорот? Дали од лекарските кабинети пациентите ќе треба да одат на преглед и во Министерството за здравство, каде што по проверка во регистарот со спонзорствата, комисијата ќе може да предложи и „дијагноза“ за лекарот?
Предупредувањето дека ако неоправдано ги форсираат лековите, лекарите може да одговараат и за злоупотреба на службената положба, отвора дилема зошто министерот не предложи и таква законска измена со која ќе ги задолжи болниците, а зошто да не и Министерството за здравство, да формираат посебен фонд за учество на лекарите на конгреси, како што е практика во приватните болници?




