Болниците нека бидат спонзори, а не компаниите
ЛЕKАРИТЕ РЕАГИРААТ

Докторите што одат преку спонзорство на некој семинар немаат обврска кон компанијата што им плаќа, но факт е дека има и лекари што бараат повисока класа во авионскиот превоз и луксузен хотел, нагласува д-р Јован Тофоски
Болниците и клиниките нека ни го финансираат учеството на конгреси и симпозиуми, за самите да не мора да губиме време и да бркаме спонзори. Во спротивно, не би заминале на ниту еден стручен собир, зашто нема да ни дадат ниту за котизација. Министерот за здравство нека прави каков сака регистер, јас на пациентите и во иднина ќе им ги препорачувам лековите за кои сметам дека се ефикасни и квалитетни, а не затоа што компанијата што ги произведува ме врбувала тоа да го правам, како контрауслуга за спонзорството, реагираат лекарите. Тие наскоро ќе мора сите спонзорства и донации да ги пријават во Министерството за здравство, од каде што за три дена ќе мора да добијат согласност. Но, лекарите може да одговараат за злоупотреба на службената положба, а и кривично, ако се утврди дека форсираат лекови токму од компанијата што им го платила симпозиумот.
Правото да препишуваат рецепти го имаат исклучиво матичните лекари-општи, гинеколози и стоматолози, кои пишуваат генерички имиња на лекови, а пациентите сами решаваат кој препарат ќе го земат и колку за него ќе доплатат, во зависност од советот на лекарот и џебот.
Но, пациентите велат дека дел од лекарите им посочуваат конкретно кои лекови да ги пијат, вон извештајот што им го пишуваат.
– Се разболев од пневмонија и лекарот, освен специјалистичкиот извештај каде што стоеја фабричките имиња на лековите, ми даде и ливче кои спрејови и други антибиотици да ги купам и ми ги посочи фармацевтските куќи, зашто тие биле поефикасни! Исплашена за своето здравје, јас си ги купив, а како пациент, јас барам лекарот да ми препорача квалитетни и ефикасни лекови, без да има заднина, а камоли да е контрауслуга на фирмата што можеби му го спонзорирала конгресот – реагира 32-годишна скопјанка.
Друг пациент вели дека кога ги снима забите, редовно го прашуваат кој стоматолог го упатил на снимањето.
– Навистина не знам зошто е битно кој ме праќа, да не влијае можеби врз квалитетот на рендген-снимката – прашува на шега пациентот.
На прашањето дали државата (Министерството за здравство) треба да води регистер за тоа кој дава спонзорства и донации или ова е обид за уште еден атак врз лекарите, од Македонското лекарско друштво велат:
– Ја поздравуваме идејата, но да се внимава надлежните да не бидат рестриктивни и да не ги одземаат спонзорите од еден лекар, па да ги препорачуваат на друг! Добро е да се има евиденција и контрола за спонзорствата на лекарите, но уште подобро би било кога јавните болници би им го плаќале учеството на овие стручни собири, а тоа, за жал, не се прави со години. Нема средства и за конгреси во постојните буџети. Поминаа времињата кога здравствени установи праќаа лекари на семинари. Сега дали има еден-двајца гинеколози што пред две-три години биле пратени во Турција на едномесечна обука, а многу порано рендгенолози одеа и по шест месеци на едукација во Чешка, на пример, по што обучуваа и наши лекари.
Д-р Јован Тофоски, претседател на друштвото, додава дека „лекарите што одат преку спонзорство на некој семинар, немаат обврска кон компанијата што им ја плаќа котизацијата, а која треба да го одбере најевтиниот трансфер и скромно сместување, зашто поентата е дека лекарот оди на стручен собир, а не на шетање, па затоа не треба да се луксузира“.
– Но, факт е дека има и лекари што се замислуваат, па бараат повисока класа во авионскиот превоз или сместување во луксузен хотел. Тоа не е во ред – нагласува тој. (Љ.Б.)
Коментари (1)





Nepotrebno e da barame odobrenie od ministerot za simpoziumi vo Makedonija, toa se mali pari, a greota e da”ne kupat” za tolku pari zasto platite ni se mali.
Sto se astma centrite niz makedonija sto gi sponzorira Glaxo???Znae li ministerot deka ima takvi?