Специјалисти ја спасуваат Итната помош

НА ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМ ВО KРИВА ПАЛАНKА МУ НЕДОСТИГААТ ЛЕKАРИ

Поради одлив на кадри, оваа служба остана без потребниот број екипи, а додека се вработат нови, се ангажираат специјалистите и лекари-волонтери

Итната медицинска помош од Kрива Паланка остана само со еден лекар, поради одливот на кадри, па во прашање е доведно нормалното функционирање на службата, која обезбедува 24-часовни здравствени услуги за граѓаните при итни случаи и продолжено болничко лекување. Од Здравствениот дом најавуваат дека веќе имаат одобрение од Министерството за здравство за нови вработувања на лекари, но додека да се реализира постапката за нивни прием бараат решение за надминување на настанатиот проблем. Засега во дежурствата се вклучени специјалистите, а помагаат и лекари-волонтери. Побарана е помош и од матичните лекари, но тие не прифатиле дополнителен ангажман поради обврските во сопствените ординации.

– Од пет лекари во таа служба, двајца ја напуштија работата и заминаа во странство, а двајца се подготвуваат за специјалистички испит. Од Министерството имаме одобрение за прием на тројца лекари во рамките на најавените нови 200 вработувања. Но додека тие да бидат регулирани, неопходна ни е помош за непречено обезбедување на здравствените услуги во временски рок кој сметаме дека нема да биде подолг од околу два месеца. Покрај вработените во јавното здравство, побаравме помош и од матичните лекари, кои за овој период би биле ангажирани само со по 2-3 дежурства. Но тие н` известија дека тоа е законски неизводливо и дека се преоптоварени во своите ординации – вели директорот на Здравствениот дом, Радивој Маџовски.

Според обврските со новите договори со Фондот за здравствено осигурување, од 1 април матичните лекари почнаа со работа во различни смени со лекарите кои се нивна замена, односно со двосменско работење, што ќе значи и извесно растоварување на Итната медицинска помош. Kако реално и долгорочно решение, пак, од Здружението на приватните лекари писмено го известиле Здравствениот дом дека има лекари со работни лиценци кои се заинтересирани за вработување во таа служба.

– Тоа не го решава проблемот, затоа што помошта ни е неопходна во сегашниот критичен момент – нагласуваат од стручниот колегиум.

Kако единствен излез и привремено решение, во интерес на граѓаните, засега специјалистите ги прифатиле дежурствата во Итната медицинска помош, иако поради тоа, велат, ќе трпи нивниот ангажман во специјалистичките амбуланти и не би можеле да ја вршат дополнителната работа на подолг рок. Најголем дел од нив се единствени од одредена специјалност и постојано се на штрек, а некои дневно имаат и по 70-ина прегледи. Од друга страна, пак, велат дека досега најголемите трошоци на Итната медицинска помош биле токму за случаи што не се итни и кои може да ги решаваат матичните лекари.

– Овој проблем не трпи одлагање и во прашање е доведено опстојувањето на службата. Доколку не се најде долгорочно решение во најскоро време и во најлош случај, на што не сакаме ни да помислиме, Итната медицинска помош да биде укината, тогаш целиот товар ќе падне врз матичните лекари – вели д-р Грозде Спасовски, раководител на Итната медицинска помош.

Во меѓувреме, Здравствениот дом го надмина повеќегодишниот проблем и постигна договор со приватните гинеколози за обезбедување здравствени услуги на Гинеколошко-акушерското одделение, а се преговара и за ангажирање специјалисти за уво, нос и грло од Скопје, кои би давале здравствени услуги за пациентите 2-3 пати неделно. Од Владата се обезбедени и 350.000 евра за реконструкција на установата.

Жаклина Цветковска

Извор

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари