За 50 евра во втор здравствен столб
СЕ ГОТВИ НОВ МОДЕЛ НА ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ

Се навестува дека околу 500.000 граѓани би биле потенцијални членови во осигурителните компании
Во приватни болници граѓаните ќе може да се лекуваат ако платат и приватно здравствено осигурување, а надстандардни услуги, како подобро болничко сместување или поскапа леќа, би можеле да добијат и во јавното здравство доколку уплатат плус пари и за доброволно осигурување. Ова се предлозите за новите модели на осигурување, за кои завчера почна и прво опипување на пулсот кај компаниите и кај граѓаните на јавната дебата за предлог-законот за доброволно дополнително осигурување. Цената и услугите во дополнителниот пакет ќе ги формираат осигурителните компании.
Важно е што осигуреникот што сака да плати приватно или дополнително осигурување нема да може да се откачи од Фондот за здравство, каде што и понатаму ќе мора да плаќа 7,2 отсто од бруто-платата за синиот картон.
Ќе важи и за операции во странство
Се навестува дека приватното осигурување би чинело околу 50 евра месечно, а околу 500.000 граѓани би биле потенцијални членови во осигурителните компании. Сега се бара „формула“ како хронично болните и постарите пациенти, поради поголемиот ризик за здравјето, да не бидат уште на почеток исклучени од новиот модел на осигурување, кој досега не беше можен со постојниот закон за здравствено осигурување.
Министерот за здравство Никола Тодоров изјави дека со новиот закон првпат осигурителните компании ќе можат да им понудат на граѓаните пакет-здравствени услуги во јавните и во приватните установи, но и операции во странство, кои Фондот за здравство досега не ги покриваше.
– Фондот за здравствено осигрување ги надоместува трошоците за некоја услуга до определено ниво. Ако некој сака да му се вгради, на пример, многу поквалитетно помагало кое ја надминува цената што Фондот ја покрива, разликата може да биде предмет на осигурителниот продукт – рече Тодоров.
Тој пред една недела беше категоричен дека нема да се скусува постојниот пакет на здравствени услуги, но дека за секоја нова услуга граѓаните ќе плаќаат дополнително.
Нема услуги преку ред
Со новиот модел ќе може да се добие привилегија како, на пример, подобро болничко сместување во јавното здравство, но нема да може да се бара здравствена услуга преку ред зашто тоа би го растурило целиот систем.
– Се дозволува дополнителната дејност да биде дел од овој тип осигурување – ќе се овозможи некој да добие побрза здравствена услуга од некој што нема да се определи за дополнителна дејност – објасни министерот.
Од приватните болници уште од минатата година бараат на граѓаните да им важи здравственото осигурување доколку побараат лекување надвор од јавното здравство, а самите да си доплатат до реалната цена на здравствената услуга во приватната болница. Но, здравствените власти беа категорично против овој предлог, ниту им дозволија на приватните болници да формираат осигурителна компанија.
На пример, родилки кои се породуваат во приватни болници, услуга која најмногу се бара надвор од јавното здравство, не можат од Фондот да ги рефундираат ниту парите што за оваа услуга им се исплатуваат на државните болници – околу 400 евра за нормално породување, па целиот износ се принудени да го плаќаат од својот џеб.
Во Турција од 1.000 до 4.000 долари за приватно осигурување
Ако покрај државното граѓанин во Турција сака и приватно здравствено осигурување, за тоа ќе треба да плати од 1.000 до 4.000 американски долари годишно, зависно од пакетот што ќе го одбере.
– Во Турција има околу 2 милиона граѓани што одбрале да плаќаат здравствено осигурување во една од осумте приватни осигурителни компании, а само во нашата осигурителна компанија лани имавме околу 200.000 осигуреници. Со оваа полиса на нашите пациенти им следува лекување во болниците на „Аџибадем“, како и во други приватни болници. Хоспитализираните пациенти, кои го имаат ова осигурување, не плаќаат ништо дополнително за снимања – вели Јалчин Нак, заменик-директор на групацијата „Аџибадем“.
љубица балабан
Коментари (1)





Сакам да прашам здружението дали мозе на неговава интернет страница да не известува за состаноци семинари за стручно усовршување кога и каде се одржуваат оти календарот сто е на сајтот на ЛКМ е со поминати датуми.Поздрав