Половина милион жени без ПАП-тест зашто немаат гинеколог

Многу е важно тестовите да ги читаат квалитетни патолози. Мојот впечаток е дека речиси половина од пациентките нонстоп прават ПАП-тестови, за разлика од другите кои не ги прават воопшто, вели д-р Виктор Ложанковски, претседател на Здружението на приватните гинеколози
Армија од околу 400.000 жени може да останат без бесплатниот ПАП-тест, со кој рано се открива ракот на грлото на матката зашто досега не избрале матичен гинеколог. На 1 април првпат почнува скринингот – гинеколозите прво ќе ги повикуваат жените од 24 до 35 години на преглед, но покани ќе добијат само оние пациентки што веќе го избрале овој специјалист.
Од 1 милион жени во земјата, само 400.000 имаат матичен гинеколог, кој од лани може да го изберат и 12-годишни девојчиња, потврдуваат од Фондот за здравство.
За три години со скринингот треба да бидат опфатени жените од 24 до 60-годишна возраст.
Годишно се предвидени 11 милиони денари, ќе бидат поканети 100.000 жени, а се планираат околу 25.000 ПАП-теста во целата земјата, иако има повеќе пациентки. Но од Министерството за здравство ветуваат „доколку одѕивот биде поголем, ќе има и дополнителни ПАП-тестови“.
Ракот на грлото на матката е втора причина за смртност кај жените во земјата. Годишно заболуваат повеќе од 250 жени, а околу 30 од нив умираат бидејќи болеста е доцна откриена.
Во Словенија нема син картон ако нема ПАП-тест
По најавениот скрининг од Министерството за здравство, дел од жените се прашуваат треба ли да чекаат покана за да направат ПАП-тест и зошто „преку ноќ“ се сменија досегашните препораки кога тој да се прави.
– Досега и од Министерството за здравство и гинеколозите н` убедуваа дека ПАП-тестот треба да се прави еднаш годишно, а не на секои три-четири години, како што сега советуваат. Важно е овој тест да може да го направиме или бесплатно или со мала партиципација и во случаи кога нема организирани прегледи, а не тоа да го „диктираат“ договорите што матичните гинеколози ги потпишале со Фондот за здравство, според кои, за да ги исполнат целите, годишно треба направат ПАП-тестови кај 25 отсто од пациентките – реагира една 52-годишна скопјанка.
Во Словенија, како и во уште некои земји на ЕУ, на пример, жената не може да добие здравствено осигурување ако еднаш годишно не направила ПАП-тест. На овој начин, во оваа земја речиси е искоренет ракот на грлото на матката.
Матичен гинеколог, кој сака да остане анонимен, вели дека од 100 жени кои го направиле овој тест, кај 26 отсто ќе има лажно позитивни и лажно негативни резултати, бидејќи сигурноста на тестот е околу 75 отсто.
– Ако и вторпат резултатот е негативен, тогаш наредната контрола треба да се прави по 3 години. Но има пациентки со промени на грлото на матката, кои мора да се контролираат на четири до шест месеци – вели овој гинеколог.
Какви се препораките?
Од Здружението на приватните гинеколози објаснуваат дека според препораките на Kралскиот британски колеџ, скрининг за ПАП-тест треба да се прави на секои три години и тоа кај жени на возраст од 30-тата до 64-тата година.
– Kај пациентките кои на четири до шест месеци треба да го прават ова испитување, тоа не е скрининг, туку контрола, бидејќи веќе имаат промени на грлото на матката. Скринингот по светските препораки треба да се прави на три години. Многу поважно е тестовите да ги читаат квалитетни патолози. Мојот впечаток е дека речиси половина од пациентките нонстоп, и по неколку пати годишно, прават ПАП-тестови, за разлика од другите кои не ги прават воопшто. Сега и тие треба да се проверат – вели д-р Виктор Ложанковски, претседател на Здружението на приватните гинеколози.
На прашањето како ако ПАП-тестот се прават еднаш на три години, може да биде откриен инвазивен карцином на грлото на матката поради кој жената може да заврши фатално за неколку месеци, д-р Ложанковски вели:
– Глобално, станува збор за инфекции со ХПВ-вирусот кои релативно бавно се развиваат, а доколку е некој инвазивен вид карцином, тогаш попусто е и ако контролата се прави еднаш годишно.
Жените да не чекаат покана
Од Министерството за здравство велат дека жените не мора да чекаат за да бидат повикувани на организирани прегледи.
– Во согласност со Светската здравствена организација, скринингот се препорачува на три до пет години и тоа го практикуваат останатите земји. Ова се однесува на жени со негативен наод на ПАП-тест. Но ако наодот е позитивен, жената може да го прави и почесто, на пример на шест месеци, по препорака на гинеколог. Целта на скринингот е да се овозможи сите жени во период од три години да направат превентивен преглед со ПАП-тест. Според СЗО, по дијагностицирање на ХПВ-вирусите, потребен е подолг период – од пет до 10 години – за да се развијат почетни канцерогени промени. Освен скринингот, ќе има и кампања за подигање на свеста кај жените што поскоро да изберат свој матичен гинеколог, по што и тие ќе бидат повикани на преглед.
љубица балабан
Коментари (1)





Според моето искуство укажувам на следните моменти кои требе да се искоментирарат.
Последните 18 месеци(на 800 тестови годишно) открив 1 Ca in situ,1 микроинвазивен i 2 displazii gr III, кај пациентки на возраст од 28 г до 64 г.Сите (освен 28 г. која и е прв тест)имаа уредни ПАП пред 1.5 до 2 год.Дилема , дали е доволен 1 преглед на 3 год.
60-70 % од пациентите доагаат со покани,останатите самоиницијативно,а на секои 100 покани се одзиваат 50-60 .Од друга страна пак 50 % од запишаните пациенти воопшто не направиле тест,и покрај тоа што е бесплатен(ги пракам исклучиво на клиника). Задача ,како да се зголеми опфатот врз поголем број жени, (словенски модел)
Д-р Какашевски