Реакција до МРТ за објавен прилог и барање за повлекување
До: Информативна редакција на МРТ
Предмет: Реакција за објавен прилог и барање за повлекување
Медиумите во услови на епидемија играат исклучителна улога во навремено информирање на јавноста и креирање на јавното мислење од што директно зависи динамиката со која ќе се сузбие епидемијата. Затоа информациите што се објавуваат треба да бидат точни, релевантни и навремени.
Во таа насока реагираме на прилогот објавен во вестите на МРТ со наслов “Грозданова: Недозволиво е здравствените работници да бидат промотери на невакцинирањето”, автор Фиљана Кока, во кој во форма на прашање се наметнува тврдење дека матичните и семејните лекари прават злоупотреби во процесот на вакцинирање. Прашањето е конструирано на нејасен начин со што го доведува во конфузија оној на кого е упатено.
Исто така, тезата која неосновано се шири е целосно неточна бидејќи овие групи на лекари не се дел од процесот на вакцинација против Ковид 19. Креирањето на искривени и неточни тези преставува навреда за лекарите, но зборува и за непрофесионалноста на медиумските работници и нивната неподготвеност на одговорат на задачата пред која се поставени. Со цел да не се нанесува директна штета на процесот на вакцинација а со тоа и на сузбивањето на пандемијата и да се заштити угледот на лекарската професија бараме прилогот да биде повлечен и корегиран, а авторот и редакцијата да упатат соодветно извинување.
Лекарска комора
Здружение на приватни лекари
Здружение на лекари по општа медицина семејна медицина
Центар за семејна медицина – Медицински факултет Скопје




