ИЈЗ: Најголем број на заболени од КОВИД 19 се на возраст од 50 до 59 години
Вкупно 37 пациенти на над 60 годишна возраст кои имале тешка клиничка слика поради коронавирусот се излечени и пуштени дома, велат за Канал 5 од Инфективната клиника.

Меѓу нив има пациeнти кои се без бубрег, а и со трансплантирани органи. Сите биле хоспитализирани во клиниката за заразни болести и го прележале вирусот КОВИД 19. Најстариот пациент во земјава, кој се зарази со коронавирусот и e излекуван, е 85 годишен маж -штитеник од Домот за стари лица во Битола.
Сепак, според лекарите, дел од повозрасните граѓани веќе ги чувствуваат последиците од седењето дома поради физичката нееактивност.
Коронавирусот е потврден кај 287 лица, кои имале над 60 години. Најголем број на заболени од КОВИД 19, според податоците на Институтот за јавно здравје, се на возраст од 50 до 59 години, 292 случаи односно 21 отсто.
Охрабрувачки се бројките на оздравени, па до вчера, излекувани се 553 пациенти, од вкупно 1 399 потврдени случаи.
Според статистиката на Институтот за јавно здравје регистрирани се вкупно 65 смртни случаи, изразено во проценти 4,6 отсто. Најголем дел од нив се на возраст над 60 години. Бројот на починати мажи е повеќе од двојно поголем во однос на жените кои ја загубија битката со вирусот. 46 смртни случаи кај лица од машки, а 19 починати од женски пол. Од починатите, кај 50 (76,9 проценти) се регистрирани и други хронични заболувања.
Вкупно 485 или 34,7 отсто од дијагностицираните немале никакви симптоми на КОВИД 19. Од нив, 344 или 70,9 проценти имале контакт со веќе потврден случај во државата.
Коронавирусот е присутен во 27 градови низ Македонија. Најголем број на заразени има во Скопје, Куманово и Прилеп.




