Протест против насилството врз белите мантили одржан во Гевгелија

Докторите од Општа Болница Гевгелија заедно со колегите од Здружението на приватните матични лекари кои работат во Гевгелија, придружувани од медицинските сестри и медицинскиот персонал денеска точно напладне, во кругот на Болницата, одржаа полчасовен протест со прекин на работата под мотото „Стоп за насилството врз здравствените работници“.

На овој начин тие се придружија кон иницијативата на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари кои повикаа на протест пред Клинички Центар во Скопје, во знак на јавно искажување на незадоволство од последните случаи на вербално и физичко насилство врз доктори и медицински персонал додека тие ја обавуваат својата работа спасувајќи животи и помагајќи за здравјето на пациентите.

Протестот следуваше по неодамнешните напади на лекари и медицински персонал во болницата „Свети Наум Охридски“ во Скопје, во Поликлиниката Драчево, а напади имаше и во Тетово и во Кавадарци.

На оваа иницијатива искажана уште минатата недела се огласи и министерот за здравство Венко Филипче кој изјави дека го поддржува протестот и дека ќе биде дел од истиот. Поддршка на протестот најавија и Синдикатот на Клинички центар, како и членови на здруженија на здравствени работници.

Денеска во кругот, паркот на Болницата Гевгелија белите и зелените мантили од сите одделенија на болницата заедно се солидаризираа со општата слика на деградација на професијата лекар и работник во здравството, соочувајќи се со случаи на вербални закани, за среќа без физички последици врз здравствениот персонал.
– „Заради таквиот третман на професијата ни’ се случува тоа што ни’ се случува – заминување на младите лекари од Македонија, одбирајќи да работат во подобри услови дадени за обавување на професијата во друга странска земја, а ние „кубуриме“ со медицински персонал“, изјавија дел од присутните лекари.

– „Болницата во Гевгелија има обезбедување од 07 до 15 часот и 24 часовна патролна служба од ангажирано обезбедување. Досега немаме случај на физички инциденти и физичко насилство, но не би сакале да го има. Затоа, на овој начин искажуваме потреба да се врати дигнитетот и односот кон здравствените работници од страна на пациентите, оние за кои ние работиме“, изјави директорот на Општа Болница Гевгелија, Митко Крџев.

Додека траеше протестот немаше итни повици и никој од пациентите не беше оставен без здравствена нега во болничките одделенија и амбуланти.

https://gevgelijanet.com/index.php/2014-01-09-21-20-12/2014-01-14-19-27-00/%D0%B7%D0%B4%D1%80%D0%B0%D0%B2%D1%98%D0%B5/4379-protest-protiv-nasilstvoto-vrz-belite-mantili-odrzan-vo-gevgelija.html?fbclid=IwAR0BKGr462w2Snn9Dpt36fbCiatfjNkPnQLFNCB4QY6DrMmVksyGoY2RM70

Испрати коментар

Мора да бидете најавени за да испратите коментар.

Како да се регистрирам?

Корисни линкови

Министерство за Здравство Фонд за Здравство Лекарска комора

Регистрирај се!
Драмски театар

Барај (Впиши го поимот и притисни enter)

Соопштенија со најмногу коментари